Беласица домашните натпревари ќе ги игра под рефлектори

ФОТО: Спортска Мрежа

Второлигашот Беласица натпреварите од есенската полусезона ќе ги игра под рефлектори односно во вечерен термин поради високите температури, а со тоа и подобри услови за игра, но и фудбалски амбиент во кој може да ужива публиката.

Тоа што Беласица го практикуваше и во ланската сезона ќе го продолжи и во новата сезона, а истите ќе се играат додека налагаат временските услови, посочуваат од клубот преку соопштение.

Беласица новата сезона во Втората лига ја отвара в сабота против Осогово.

Александар Ванев, Струмица Сити

Брера Струмица ги промовираше Владимир Жоглев и Стефан Наумчески

Второлигашот Брера Струмица ги промовираше првите две летни засилувања за новата сезона која стартува веќе овој викенд. Поранешниот освојувач на Купот на Македонија ги претстави Владимир Жоглев и Стефан Наумчески.

Жоглев го засилува нападот на струмичани, доаѓа од Шкендија Арачиново, а низ неговата кариера искусниот 27-годишен голгетер настапуваше и за Осогово, Борец, Беса од Добри Гол, Победа Скопје, Вардар и Тетекс.

26-годишниот Наумчески е старо-ново засилување за Брера, кој доаѓа од косовска Приштина и ќе биде квалитетно засилување за младиот тим на Бреа. Низ неговата кариера настапуваше за Тиквеш, Вардар и Победа од каде и ја започна кариерата.

Со Вардар во сезона 2019/2020 ја освои шампионската титула.

Новата сезона Брера Струмица ја отвара на домашен терен против Еуромилк ГЛ.

Александар Ванев, Струмица Сити

Земјоделци повторно протестираа во Струмица

Земјоделци од целиот Струмички Регион денеска претпладне се собраа на нов протест во центарот на Струмица. Со своите трактори и земјоделска механизација го блокираа подрачното одделение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, барајќи повисока откупна цена на црвената пиперка – ајварка, која сега чини 25 денари за килограм.

Иако министерот за земјоделие Борче Серафимовски по неколку одржани состаноци со фабриките предложи одредено зголемување на откупните цени, сепак производителите чекаат официјален договор и, како што посочија, дотогаш не отстапуваат од своите барања.

„Нашите барањата беа јасни: бараме итно зголемување на цената на куртовската капија на (I – 50 денари, I-II – 40 денари, II – 20 денари по килограм). Бараме итна и навремена исплата на субвенциите по килограм предадена роба и површина, бараме намалување на рокот на исплата на три месеци за предадена количина во фабриките, а бараме во иднина да имаме и редовни и навремени состаноци со министерството, фабриките и откупувачите најмалку месец дена пред секоја сезона на сеидба и берба, со цел да постигнеме навремена превенција и заедничко планирање на нашите производи“, порачаа од Месно здружение на млади „Муртино“.

Извор: Слободен печат

Фото: Дрнка.мк

Заврши 21-иот „Астерфест“ во Струмица

Со проекција на пет наградени филмови, на 8 август заврши 21. издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, коешто се одвиваше под мотото „Со отворени очи“.

По свеченото отворање од градоначалникот Петар Јанков, на самиот почеток, лауреатката Синоличка Трпкова ја прими наградата „Астер“ од претседателот на „Астерфест филм фестивал“, читајќи ја беседата „Ода за уметникот“.

Во текот на петдневните чествувања во знакот на филмската уметност, во преполниот Амфитеатар беа прикажани 20-ина кусометражни филмови. Покрај натпреварувачката, имаше и ревијална долгометражна програма во која специјални проекции имаа „Версус: филмовите на Кен Лоуч“ на Луиз Осмонд, „Железна тврдина“ на Митко Панов, „Филм до вжештување“ на Дарко Баиќ и „Жртвопринесување“ на Андреј Тарковски.

Гостите имаа Тивериополска филмска посета на Манастирот во Велјуса, а се одржаа и промоција на филмска литература и авторска средба низ прашања и одговори од публиката.

Жири-комисијата, составена од Теа Китаришвили, Бернард Дичек и Ана Витанова-Рингачева, едногласно одлучи и ги соопшти наградите за најдобрите филмови.

На плоштадот во Струмица физички нападнати 4 лица

Според билтенот на СВР Струмица, на 06.08.2026 во 22:45 часот во СВР Струмица е пријавено дека на Плоштад „Гоце Делчев” во Струмица, Е.Д.(34) од Струмица бил физички нападнат од М.Н. од с.Баница, струмичко, неговата сопруга и нивните две деца. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Струмица град на спортот: Пет контролни натпревари, две меѓународни и меч под рефлектори

Струмица уште еднаш потврдува дека со право може да се нарече град на спортот. Градот во последните денови е вистински спортски центар, со голем број натпревари, а особено радува фактот што дел од нив се со меѓународен карактер.

Само вчера во Струмица беа одиграни три контролни натпревари, од кои два меѓународни, на различни спортски терени кои се наоѓаат на исклучително мала оддалеченост еден од друг.

На СЦ „Пандев“ се сретнаа второлигашите Брера Струмица и Санта Луција од Малта, во интересен меѓународен тест кој заврши со победа на струмичкиот тим од 3-2, по пресврт.

На теренот со вештачка трева се одигра и дуелот меѓу прволигашите во женски фудбал Тиверија Брера и Истатов. „Истатовки“ славеа минимално со 0-1, во уште една проверка пред почетокот на новата сезона.

Спортскиот ден беше заокружен во спортската сала „Парк“, каде македонскиот футсал шампион Проект од Јосифово одигра меѓународен натпревар против шампионот на Бугарија, Амиго Нортвест. Проект беше убедлив и славеше со 7-2.

Она што е особено значајно за Струмица е концентрацијата на спортската инфраструктура. Стадионот, теренот со вештачка трева, СЦ „Пандев“ и спортската сала „Парк“ се наоѓаат во непосредна близина, на само стотина метри еден од друг. Тоа овозможува во ист ден на релативно мал простор да се организираат повеќе спортски настани.

А спортската приказна продолжува и денес.

Од 13:00 часот, во спортската сала „Парк“, Проект и Амиго Нортвест ќе одиграат уште еден меѓународен контролен натпревар.

Вечерта, од 19:30 часот, стадионот „Благој Истатов“ ќе биде во центарот на вниманието. Под рефлектори ќе се сретнат Беласица и Работнички, во генерална проба за двата второлигаши пред стартот на новата сезона.
 

Така, Струмица во само два дена ќе биде домаќин на пет контролни натпревари, од кои дури три се со меѓународен карактер.

Ова е уште една потврда дека градот има спортска традиција, добра инфраструктура и услови за организација на големи спортски настани. Со ваква концентрација на терени и сали, но и со клубови од различни спортови кои активно ја користат инфраструктурата, Струмица има потенцијал да биде еден од најзначајните спортски центри во Македонија.

Александар Ванев, Струмица Сити

Беласица и Работнички вечерва под рефлектори во Струмица во генералката пред стартот на Втора лига

ФОТО: Александар Ванев, забрането превземање на фотографијата без претходна добиена согласност од авторот на фотографијата!

Фудбалот вечерва е во центарот на вниманието во Струмица, каде од 19:30 часот на стадионот „Благој Истатов“ ќе се одигра интересен пријателски натпревар меѓу Беласица и Работнички.

За двата поранешни прволигаши ова ќе биде последен контролен натпревар, односно генерална проба, пред почетокот на новата сезона во Втората македонска фудбалска лига, која стартува на 15 август.

Дуелот под рефлектори ќе биде добра можност стручните штабови на двете екипи да ја проверат моменталната форма на фудбалерите и да ги направат последните корекции пред официјалните натпревари.

Беласица со организацијата на ваков натпревар во вечерен термин уште еднаш покажува дека сака да создаде вистински фудбалски амбиент, а љубителите на фудбалот ќе имаат можност да проследат интересна проверка пред стартот на првенството.

Струмичани сезоната во Втора лига ќе ја отворат на домашен терен против Осогово, додека Работнички, кој минатата сезона испадна од елитното друштво, во првото коло ќе го пречека Кожуф.

Вечерашната пресметка во Струмица ќе биде последниот тест и за двете екипи пред да започне борбата за бодови.

Александар Ванев, Струмица Сити

Македонскиот футсал шампион Проект го декласираше бугарскиот шампион во Струмица

Македонскиот футсал шампион Проект од Јосифово забележа убедлив триумф во првиот од двата контролни натпревари против бугарскиот шампион Амиго Нортвест. Во дуелот одигран во спортската сала „Парк“ во Струмица, македонскиот првак славеше со 7-2.

Овој натпревар беше одлична проверка за избраниците на Проект во рамките на подготовките за новата сезона, а особено за она што следува на европска сцена. Македонскиот шампион со сигурна и ефикасна игра стигна до убедливата победа против шампионот на Бугарија.

За Проект, сепак, нема многу време за одмор. Двата тима ќе одиграат уште еден контролен натпревар веќе утре, со што македонскиот состав ќе добие уште една квалитетна можност за дополнително воигрување и проверка на формата.

По контролните дуели со Амиго Нортвест, фокусот на Проект постепено ќе се насочува кон големиот европски предизвик – прелиминарната рунда од УЕФА Футсал Лигата на шампионите.

Македонскиот шампион ќе настапи на турнирот во Грац, Австрија, од 25 до 30 август, каде ќе се соочи со Врхника, шампионот на Словенија, Атлетик Грац, шампионот на Австрија, и Макаби, шампионот на Израел. Целта на тимот од Јосифово ќе биде да обезбеди пласман во следната фаза од европското натпреварување.

Александар Ванев, Струмица Сити

Истатов славеше во Струмица: Минимален триумф против Тиверија Брера

Екипата на Истатов забележа минимална победа во уште еден подготвителен натпревар пред стартот на новата сезона во Првата женска фудбалска лига. Истатов на теренот со вештачка трева во Струмица славеше против Тиверија Брера со 0-1.

Единствениот погодок на натпреварот беше постигнат во второто полувреме, кога Катерина Петкова ја затресе мрежата на струмичкиот состав и го донесе триумфот за Истатов, по топката нафрлена од корнер во 80. минута од средбата. Враќањето на Петкова во тимот на Изов се покажа како полн погодок за новата сезона.

Контролниот натпревар беше нова можност тренерите Славе Велков и Кирил Изов да добијат увид во моментната форма на своите екипи, како и да ги проверат фудбалерките и тактичките замисли пред почетокот на првенствените обврски.

Резултатот оди во втор план, одново Велков и Изов имаа можност за комбинации во самата игра и на самиот терен за тоа што би можеле да го планираат во првенството.

Ова беше втор меѓусебен пријателски дуел на двете екипи во краток период. Пред една недела во Дојран, Тиверија Брера славеше во ефикасен натпревар со 5-3.

Двете екипи во периодот што следува ќе продолжат со подготовките и одигрувањето контролни натпревари, со цел што поспремно да го дочекаат стартот на новата сезона во Првата женска фудбалска лига, кој е закажан за 23 август.

Александар Ванев, Струмица Сити

ВИДЕО: Брера Струмица со пресврт триумфираше на тестот над Санта Луција од Малта

Екипата на Брера Струмица со победа ги заврши подготовките пред стартот на новата сезона во Втората македонска фудбалска лига. Струмичани денеска на домашен терен славеа со 3-2 против малтешкиот второлигаш Санта Лусија, во интересен меѓународен контролен натпревар.

Брера успеа да дојде до триумф по пресврт, во натпревар кој им овозможи на двата тренерски штаба да ги проверат своите екипи и да добијат дополнителни одговори пред официјалните предизвици во новата сезона. За Брера Струмица двоен стрелец беше Танчев, а еден гол постигна Ристов, додека пак за Санта Луција стрелци беа Борг и Вела.

За Брера Струмица ова беше последната контролна средба, односно генерална проба пред почетокот на првенството. Втората македонска лига стартува на 15 август, а струмичани сезоната ќе ја отворат пред својата публика против Еуромилк од Горно Лисиче.

Од друга страна, Санта Лусија периодов се наоѓа на подготовки во Македонија, а денешниот дуел во Струмица беше нивна прва контролна проверка на овие подготовки.

За малтешкиот тим следува уште еден натпревар, и тоа на 12 август, кога ќе ги одмери силите со амбициозниот третолигаш Илинден.

Меѓународниот тест во Струмица така донесе корисна проверка и за двата тима, пред продолжението на подготовките и новите сезонски предизвици.