Полнети тиквички – Стара струмичка кујна

И овој специјалитет се рзликува во подготовката и сервирањето од другите краеви. Се прави многу слично на сармата од лоза, зашто и најчесто се варат заедно. Струмичките тиквици имаат специфичен вкус заради сосот од јајце и лимон, наречен по дојрански, ич. И името на сосот е веќе е подзаборавено и тиквичките се подготвуваат на многу нови начини, времето минува, носи заборави… Затоа да го сочуваме сеќавањето на ова прекрасно јадење.

 2016-05-24_23-42-07_s

Струмичани и Дојранчани имаат посебен осет за комбинирање на храната. Па така, тиквичките се подготвуваат со сармички и се затвараат со лист од лоза , но и со мала сармичка. За малата сармичка не сум знаела, но ете татко ми се присети, како баба ми, Дојранчанка, ги затварала тиквиците.

Состојки

мелено мешано месо

тиквици
листови од лоза
младо кромидче
ориз

морков

лукче
1 до 2 јајца

зејтин
сол, мирудии, црн бибер, а по желба и други зачини

1 лимон

2016-05-24_23-51-34_sПодготовка

Тиквиците се различни каде што живеам, ништо не е исто, но се трудам да ги сочувам рецептите. Сепак тие се многу млади и ги има преку цела година.

Подгответе ги тиквичките, исечете ги во големина која ви одговара, издлабете ги како чаши. Исечкајте ја внатршноста.

Испржете го морковчето, додадете го месото, потоа измиениот ориз, кромидчето, лукчето и издлбените тиквици, без предолго пржење. Додадете малку врела вода, да се подвари оризот и месото, зашто тиквиците брзо ќе бидат готови, па да не остане нешто недоварено.

Додадете ги зачините. 

Подварете ги листовите лоза многу кратко, за да не се кинат. Почнете да ги полните тиквиците.

Направете мали сармички и затворете некои од тиквиците.Некои затворете со лист лоза и врзете ги со конец листовите.

Конецот треба да се извади при сервирање, но сакав да покажам како изгледа тоа.

Направете ги останатите сармички и наредете ги заедно со тиквиците во широко тенџере.

Залијте со повеќе врела вода која ќе ви треба подоцна, зејтинче одозгора, можете и рендан морков и покријте со чинија и плус капак, треба да се вари на тивко.

Изматете едно или две јајца, исцедете лимон, додадете малку ладна вода. Кога се при крај тиквиците, извадете од водата што се вареа во еден сад и почнете да додавате од врелата вода со лажица во јајцата, пополека со постојано матење, а потоа обратно, сипајте ги јајцата во водата со постојано матење. Ставете го сосот малку на рингла да се згусне малку, но многу внимателно, да не се потсечат јајцата.

Додадете сол по вкус.

Сервирајте го ичот врз тиквиците и сармичките, а и посебно во садче и уживајте во прекрасниот вкус на ова наше преубаво јадење.2016-05-24_22-52-44_s 2016-05-24_23-21-44_s

Весна Рохр, Со љубов за вас

Comments are closed.