Во Струмица соживот градиме неколку националности и вери. Нѐ има Македонци, Турци, Срби, Роми… Христијани и Муслимани. Во овој град домуваме заедно, почитувајќи се еден со друг и своите обичаи. На христијански празник, соседот Муслиман оди кај едниот на слава, а на муслимански празник, другиот му возвраќа. Така си живееме ние во Струмица и еве денес го празнуваме еден од најголемите празници Рамазан Бајрам.
Датумот на Рамазан Бајрам (Eid al-Fitr) варира од година во година, во зависност од лунарниот календар кој се користи универзално за одредување на муслиманските празници. Бајрам е последниот ден од светиот месец Рамазан, во текот на кој, строго се пости и се воздржува од јадење и пиење (дури и вода), од изгрејсонце до зајдисонце. Прославата на овој празник, чие спиритуално значење има голема важност, се одвива во семејна атмосфера, со роднини и пријатели, собрани на традиционална трпеза и молитва.
Традиционално, во утринските часови, машките членови на фамилијата одат во џамија, на Бајрам-намаз, а потоа се враќаат дома, честитаат и ги обавуваат бајрамските должности. Притоа треба да се запази обичајот во џамија да се оди по еден пат, а да се врати по друг пат. Дома трпезата е преполна со сарма, печено месо, а најважен елемент се слатките јадења како баклава, тулумба и алва. Овој празник претставува посебна радост за децата кои одат кај постарите да честитаат и притоа да бидат дарувани со парички, бомбони и чоколатца.
Се честита со зборовите: ,, Bajram šerif mubarek olsun “, а дали знаете што значи оваа порака?
Зборот bajram е од персиско потекло, а на турски значи ,,празник’’, šerif, кој има арапско потекло, на турски значи ,,честит’’; зборот mubarek исто така има арапско потекло, а значи ,,благословен’’ на турски и оlsun на турски значи ,,нека биде”. Значи кога ќе ја изговорите оваа реченица, сте кажале: ,,Нека ти е благословен честит празник”. А кога ќе одговорите на оваа честитка со зборовите: ,, Allah razi olsun” значи сте кажале: ,,Нека Алах биде задоволен со тебе”.
Бајрам е исто така ден кога се помирува и се простува и се заборава на кавгите. Епа драги Струмичани за многу години нека ни е Рамазан Бајрам: Bajram šerif mubarek olsun!