Ќе се проширува зонското паркирање на улиците каде што има голем сообраќаен метеж

Јавното претпријатие „Паркиралишта – Струмица“ деновиве интензивно работи на подготвување на проектната документација која што е неопходна за отпочнување на процедурата за воспоставување зонско паркирање во сите останати подрачја, улици и површини за кои е донесена одлука од Советот на општина Струмица. Според Верица Узунова директор на претпријатието, проектантскиот тим веќе подолг временски период е на терен каде што врши анализи и снимање преку непосредни разговори со граѓаните, анкети и состаноци за да се утврди фактичката состојба и да се подобри состојбата со безбедноста на сообраќајот во мирување.

12790856_940650192655078_7687663600915502106_n

-Се надевам дека кон средината на 2016 година ќе излеземе со предлог план кој што ќе опфати повеќе улици и кој ќе ги задоволи барањата и потребите на сите засегнати граѓани кои што во моментот немаат мир кога е во прашање безбедноста на сообраќајот во мирување. Еве, пред градинката „Детска радост“ се соочуваме со невиден сообраќаен метеж, така што и овој дел од градот ќе биде опфатен во новопроектираните ситуации, конкретно, станува збор за дел од улицата „24 Октомври“, дел од улицата „Младинска“ до крстосницата кај Анска река со кружниот тек и улицата „Гоце Делчев“, меѓутоа, особено значајно ќе биде решавањето на сообраќајниот хаос околу болницата, односно, улицата „Панче Пешев“. Таму, во сите можни анализи досега се укажа дека можеби единствено решение ќе биде промена на режимот на сообраќајот од двонасочен во еднонасочен, меѓутоа, пак ќе кажам, без официјалните податоци на проектантите и додека истото тоа не го потврди СВР Струмица, не можам да гарантирам за претходно кажаното.

Голем проблем со паркирањето имаме и кај основното општинско училиште „Видое Подгорец“, тоа се улиците „Први Мај“ и „Дебарска“ за кои исто така анализите укажуваат дека би можело да се случи промена на режимот на сообраќајот во еднонасочен, но пак ќе повторам, ќе оставиме времето да покаже во зависност од проценките на проектантскиот тим. На улиците „Сава Ковачевиќ“ и „Јане Сандански“ сакаме да воведеме поразличен начин на паркирање, можеби, за прв пат во градот Струмица, официјално ќе го воведеме паркирањето на тротоари, се разбира дозволено, меѓутоа, сето ова е во најава и досегашните анализи го покажуваат тоа како возможно, а за конкретните решенија ќе почекаме официјално изјаснување на институциите, рече Узунова

Comments are closed.