Богатата традиција на Струмица содржи и негува во себе еден од највозбудливите настани во градов, републикава, а и пошироко: Струмичкиот карневал. Тој се одржува секоја година во склоп со Тримери, а датумот варира во зависност од православните празници Велигден и Прочка. Големиот Струмички карневал е надалеку прочуен и претставува настан со огромна традиција. Првпат бил спомнат уште во 1670 година од страна на отоманскиот патеписец Евлија Челебија (Evliya Çelebi). Струмица со својот карневал е членка на Здружението на европски карневалски градови – FECC.
Карневалот спојува две епохи: античкото културно наследство и модерниот животен стил на граѓаните. Карневалската оригинална паганска форма е најзабележителна по присуството на маски со носии, облеки од кожа, рогови од разни животни, тотеми и ѕвонци. Во таа карактеристична изворна паганска форма, маските на карневалот имаат одредени симболични улоги и функции, како што се: истерување на лошите духови, желба за здравје, за среќа, за плодност, итн. Тоа може да се види од најчестите мотиви на маски на карневалот: невестата и младоженецот ги симболизираат верените млади; Циган и Циганка со бебе симболизираат новите младенци да имаат потомство; поп – кој ги благословува младите за среќа во бракот; Ѓаволот (најчесто претставен со рогови, опашка и со вила во рацете, кого сите го бркаат) има симболика на бркање на сите лоши работи кои би можеле да им наштетат на младоженецот и невестата.
Друг чест мотив на карневалот се и мажи маскирани во жени, со изразени женски атрибути и обратно, а исто така, карактеристични за оваа форма на карневалот се и бројните еротски елементи (на пример пеењето песни исполнети со еротски содржини и зборови) како и музичките инструменти (гитара, дајре…) во рацете на маскираните.
Модерната димензија на карневалот се гледа по влијанието на слични карневали и маскембали во светот, а и по натпреварувачкиот и награден карактер што го добил карневалот со текот на времето. Учесниците ги креираат своите маски, откако претходно секој поединец или група ќе одлучат за нивната тема. А темите на маските обично ја покажуваат вечната борба меѓу доброто и злото; реализмот, сарказмот, иронијата, сатирата; власта и безвластието, хармонијата и хаосот, итн. и сето тоа е проследено со шаренило од бои и фигури, живост и динамика.
Карневалската поворка секоја година е сѐ поголема, благодарение на заинтересираноста пред сѐ на струмичани, а и на стотиците и илјадниците посетители од другите градови од земјава и од странство. Така и годинава, ајде сите на карневалска треска во Струмица до раните утрински часови, тоа е повеќе од настан – тоа е доживување!