Претставници на Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“ престојуваа во дводневна посета на Центарот за градска мобилност на Софија, Република Бугарија. Посетата се реализираше на покана на директорот на Центарот, Симеон Арнаудов, а главната цел беше размена на искуства во делот на паркирањето.
-Имајќи во предвид дека Струмица го понуди најдоброто од нашата земја на своите сограѓани во делот на паркирањето изминатиов период, имаме обврска како менаџерски тим да ги разгледаме и искуствата од поразвиените градови, за да можеме да одговориме на предизвиците кои ни претстојат во делот на проширувањето на паркинг зоните, воведувајќи олеснување на сообраќајот во мирување. Софија е милионски град и веќе години наназад функционира организираното зонско паркирање без никаков проблем. Бидејќи во многу нешта постојат сличности во системите на плаќање, издавање дозволи и комплетното организирање на паркинг просторите, мене ми претставува посебна сатисфакција признанието од страна на г-динот Арнаудов дека Струмица успеала да имплеменира систем кој по начинот и видот е препознатлив за големи метрополи – истакна Верица Узунова, директор на ЈП „Паркиралишта Струмица“.
Во рамките на посетата беа презентирани веќе развиените новитети во Софија во делот на паркирањето, а се одржа и средба со бордот на директори на Центарот за градска мобилност во чиј склоп влегува и јавниот превоз.