Има ли подобар пијалак за да се згреете и расположите во студените есенски и зимски денови? Аромата е карактеристична и примамлива, па тешко можете да му одолеете и да не се напиете уште една голтка. Грееното вино е совршено е за да го изненадите вашето друштво, затоа што не е скапо за приготвување, а освен тоа го исполнува воздухот со пријатен мирис кој никого не остава рамнодушен. Еве ја рецептата:
Потребни состојки:
1 |
шише црвено вино (пример: 750ml Cabernet Sauvignon) |
1 |
Портокал |
2 |
стапчиња цимет |
5 |
каранфилчиња |
1 |
дафинов лист (искинат на парчиња) |
½ |
морско оревче (изрендано) |
1/3 чаша |
шеќер |
¼ чаша |
бренди или ликер од портокал (по желба) |
Начин на подготовка:
Од кората на портокалот исечете 1-2 тенки ленти. Портокалот пресечете го на половина и врз едната половина наредете ги каранфилчињата (прободете ја кората со нив). Налејте го виното во тенџере и ставете го на тивок оган.
Внатре ставете ја половинката од портокалот со каранфилчињата, лентите од кората, стапчињата цимет, изренданото морско оревче и дафиновиот лист искинат на парчиња. Исцедите и малку сок од преостаната половина од портокалот. Штом виното ќе се затопли, додајте го шеќерот и мешајте за да се стопи. Не дозволувајте виното да започне да врие. Доколку се појави бела пареа, намалете ја температурата и продолжете да мешате.
Виното може да се грее 10-15 минути, но некои го оставаат на тивок оган подолго време (30-45 минути). Најдобро е да вкусувате по малку во текот на готвењето. Тргнете го од оган тогаш кога ќе ви изгледа дека е доволно зачинето, а во исто време ќе можете и да додадете некоја состојка плус ако сметате дека не е доволно ароматизирано. Можете да ставите повеќе шеќер ако сакате виното да е послатко.
Доколку користите бренди или ликер од портокал, додајте ги веднаш откако ќе го тргнете виното од оган. На крајот исцедете го виното и готово е за служење. Виното се послужува во чаши за вино или шолји кои претходно сте ги прелиле со топла вода. Украсете со портокал исечен на полумесечинки. Во чашата додајте и стапче цимет за посилна арома.
На здравје!