Сакате да зготвите нешто благо а не знаете што? Што велите за превкусни толумби на струмички начин? Сладок домашен десерт кој ќе ве освои со својот вкус и ќе ве натера да заборавите колку парчиња сте изеле. Еве ја рецептата:
Потребни состојки:
500 гр. вода
400 гр. остро брашно
200 гр. + 1 кг. масло за јадење
6 јајца
1 кесичка ванилин шеќер
½ кесичка прашок за печење
Сол
За шербет:
1 л. вода
1 кг. шеќер
1 кесичка ванилин шеќер
1 парче лимон
Начин на подготовка:
Ставете ги водата, 200 гр. масло за јадење, еден ванилин шеќер и малку сол во тенџере на оган да зовријат. Откако ќе зоврие, се тргнува тенџерето од огнот и веднаш се додава брашното во кое претходно имавме ставено половина кесичка прашок за печење. Тоа се мати со маталки за тесто и се остава смесата да отстои додека не се олади. Откако тестото ќе се олади, повторно матиме и ги додаваме јајцата едно по едно. Матиме додека смесата не се изедачи. Потоа го подготвуваме шербетот. Зовриваме 1 литар вода и 1 кг. шеќер, го оставаме да врие 2 минути, го тргаме од огнот и потоа ја додаваме кесичката ванилин шеќер и парчето лимон. Во тенџере на оган ставаме да се загрее 1 кг. масло за јадење. Го полниме калапот (шприц) за толумби со приготвената смеса, и ги истиснуваме во маслото за јадење да се пржат на тивок оган. Пржените толумби веднаш ги ставаме во шербетот, ги свалкуваме и потоа ги ставаме во поголема чинија. Постапката ја повторуваме со сите толумби. Исто така може и најпрво да се испржат толумбите и потоа да се свалкаат една по една во жешкиот шербет.
Крајниот резултат е околу 60 парчиња вкусни толумби. Прсти да излижеш!
Добар апетит!