Синоќа во Домот на АРМ во Струмица се оддржа првата сесија од граѓанскиот форум. Со присуство од над 150 граѓани, струмичани покажаа голема заинтересираност да бидат дел од овој форум организиран од Центарот на заедницата на општина Струмица, во соработка со општина Струмица.
На тричасовниот форум се дискутираше за стратегиите и акциските планови на општина Струмица за млади, за социјална заштита, за соработка со граѓанскиот сектор како и акцискиот план за развој на образованието. Граѓаните поделени по работни маси дискутираа и ги приоретизираа проектите. Одлуките се донесуваа со консензус.
На крајот на форумот, граѓаните ги означија како приоритетни следниве 8 проектни активности:
- Обезбедување локален фонд за кофинансирање и предфинансирање проекти
- Студиски посети и вмрежувања со соседните земји
- Приспособување на спортски терен на лица со посебни потреби
- Финансиска помош за приспособување на индивидуални живеалишта на лица со посебни потреби
- Вработување на едуцирани млади во бизнис секторот со финансиска обврска за добивање на ангажман од 6 месеци
- Поддршка на старт-ап бизниси за млади
- Реконструкција на училишта согласно со програмите за енергетска ефикасност
- Набавка на опрема во училиштата (лабораторија и кабинети)
Од овие осум проекта, наредниот вторник граѓаните на Струмица ќе го изберат најприоритетниот проект на општината кој таа ќе има обврска да го имплементира во 2016 година. За реализација на овој проект, обезбедени се 45 илјади долари од кои 22.800 долари се учество од општина Струмица, а другите 50 проценти се грант од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).
На граѓанскиот форум можат да присуствуваат сите жители на општина Струмица кои имаат најмалку 16 години.