Тринаесет дечиња од село Свидовица повторно се вратија во училишните клупи. Со насмевка на нивните лица, младите ученици со нетрпение го очекуваа првиот училишен час во реконструираното подрачното основно училиште „Даме Груев” во село Свидовица. По промената на кровот, прозориците, подот, плочките, санитарниот чвор се обезбедија основите услови за учење на децата.
-Денеска сме со еден прекрасен повод овде во основното училиште „Даме Груев“ од Куклиш, подрачно училиште Свидовица, каде што после долги години, почнувајќи од крајот на 2010, 2011, а посебно 2012 година имаме отворени прашања во делот на потребите на солидни услови за учење на децата од селото Свидовица. Поводот е што завршивме значајни зафати во реконструкцијата на самото училиште, променет е кровот, прозорците, подот со ламинат, санитарниот чвор и други активности со кои можеме да заклучиме дека се обезбедени солидни услови за учење на децата. Вкупната инвестиција е околу два милиони денари од буџетот на општина Струмица, 1.250 000 денари е кровната конструкција, ламинатот е околу 350 илјади денари и санитарните чворови, плочките и сето тоа што е реконструирано, заедно е околу два милиони денари. Зошто го истакнуваме ова? Заради тоа што капиталните инвестиции се под министерството за образование, вие новинарите ќе ги добиете дописите во кои ќе видите како од 2012 година, буквално, секоја година испраќаме дописи за исполнување на надлежноста на министерството за образование и еве оваа година конечно општина Струмица влезе со свои буџетски средства да ги направи неопходните реконструкциски зафати на училиштето, заради тоа што последниот допис кој што стигна од министерството за образование укажуваше дека најверојатно некаде во 2018 година би дошло на ред ова училиште. Го истакнуваме ова не од аспект да водиме гола политика, секој да ги завршува своите надлежности во секоја област е многу значајно, а најзначајно е кога се работи за нашите деца, за учениците. Знаете дека овде имаше одреден револт од учениците, пред се од родителите заради тоа што се одложуваше проблемот, прокиснуваше кровот, подот беше во катастрофална состојба, ризичен и небезбеден беше санитарниот јазол покрај лошите хигиенски услови, а сега на крај останува уште да ја завршиме фасадата на училиштето за неговиот изглед да биде комплетен и за да можеме да кажеме дека комплетно е реконструирано училиштето. Се надевам дека овие одлични услови за работа ќе бидат во полза на нивниот образовен процес, рече градоначалникот Заев.
Градоначалникот Заев изрази надеж дека во процесот на образование кој што следува овие услови ќе бидат одлични за работа во полза на образовниот процес на овие ученици.
„Денеска е посебен ден за нас, за нашето село, за нашите деца. Многу сме Ви благодарни што ги овозможивте тие услови. Сите знаеме во какви услови учеа нашите деца а од денес ќе учат со сите услови како што сите деца ги заслужуваат. Ова е посебно радосен ден за нас и за нашите деца – рече Ленче Горѓиева”, родителка на едно од децата.
Вкупната инвестиција од Буџетот на општина Струмица за реконструкцијата на подрачното основно училиште „Даме Груев” изнесува 2 милиони денари.