Почнува „Астерфест’’, ова е програмата за вечерашните филмови

Вечерва, во големата сала на НУЦК „Антон Панов” во Струмица, со почеток во 19,30 час. започнува единаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест”.
Фестивалот оваа година се одвива под мотото „Еден филм насекаде, сите на Астерфест”.
На свеченото отворање ќе им бидат доделени награди на овогодишните лауреати – режисерот Киро Урдин (добитник на признанието Астер за високи достигнувања во документарниот филм) и на актерот Боро Стјепановиќ (добитник на почесното признание за високи достигнувања во филмот).
Првата фестивалска вечер ќе бидат прикажани три ексклузивни кратки филма: британскиот краток игран филм „Телефонски повик” на Мет Киркби кој доби Оскар оваа година, американскиот документарец „Бела земја” на Кристијан Јенсен кој беше номиниран за Оскар и рускиот повеќекратно наградуван анимиран филм „Кокошката” на Васил Бедошвили.
AsterFest(PRINT)
Во „Телефонски повик” протагонистката Хедер е срамежлива жена која работи во кол-центар со телефонска линија за помош. Кога добива телефонски повик од непознат човек, не знае дека тоа засекогаш ќе ѝ го промени животот.
Одвивајќи се во сурова зима во Северна Дакота, „Бела земја” е приказна за нафтен бум кој привлекува илјадници луѓе во северните рамнини на Америка во потрага по работа. Раскажана од аспект на три деца и мајка-имигрант, чии животи се засегнати од нафтениот бум, секоја приказна се испреплетува со другите – ги истражува темите за невиноста, домот и американскиот сон.
„Кокошката” е комична алегорија за смешна кокошка чија желба да живее слободно како птица на гранка доаѓа во судир со нејзината вродена смисла за добрина и мајчинство. На крајот, нашата хероиња станува мајка со не баш мал број млади.
По кратката пауза филмскиот маратон ќе продолжи со уште 4 анимирани филмови („Дебелиот и слабиот” на Александра Брожина, „Приказна за крушата и зајакот” на Драгана Купрешанин, „Сладок кожурец” на групата ЕСМА, „Харинга” на Давор Бујаковиќ) и 5 турски кратки филмови од програмата „Мувиленд” („8 месеци” на Хусеин Ајдин Ѓурсој, „Губење бои” на Озан Гонен, „Лифтот” на Асан Џанталиев, „Окото” на Онур Отачи, „Последните птици” на Ахмет Ферах).
Официјалното жири кое ќе ги оценува филмовите во компетиција е составено од: Јанко Баљак – режисер и педагог од Србија, Борис Мисирков – директор на фотографија и менаџер од Бугарија, и Атанас Чупоски – филмолог и писател од Македонија.

Comments are closed.