Општина Струмица ги презема сите мерки за заштита од нови поплави

Членовите на Општинскиот штаб за заштита и спасување одржаа координативен состанок во просториите на општина Струмица, а на кој присуствуваа и претседателите на месните заедници од населените места Муртино, Сачево, Дабиле и Просениково. На состанокот се разгледуваше состојбата по поплавите, а се утврдија и мерките кои ќе се преземат во наредните денови за да се спречат евентуални поплави по најавите за нови врнежи од дожд.

DSC_7429

-Врз основа на најавите што ги имаме од Центарот за управување со кризи дека во наредниот период југоисточниот регион ќе биде зафатен со уште поголеми врнежи од дожд, денеска беа одржани неколку координативни состаноци, а се со цел справување со овие појави кои што треба да се случат и оние кои што се случија пред неколку денови.

За таа цел, прво беше одржан координативен состанок со претставници на Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и водостопанското претпријатие „Струмичко поле“ и неколкуте оперативни фирми кои што се вклучени, а се со цел да бидат ангажирани во справувањето со ваквите појави. Беа донесени неколку заклучоци, пред се, оперативните екипи да бидат  ставени на оние места кои беа забележани како критични точки на територијата на општина Струмица и во наредниот период да извршат определени санации на коритата на реките Струмица, Водочница и другите реки од овој регион.

DSC_7426

Исто така беше одржан состанок и на Општинскиот штаб за заштита и спасување заедно со претседателите на месните заедници во населените места Просениково, Дабиле, Сачево и Муртино за справување со поплавите кои што се случија во минатиот период и подготовки за наредниот период. Беа поставени неколку оперативни задачи, пред се, граѓаните да бидат информирани за вистинската состојба за тоа што би можело да се очекува од овие врнежи, беше договорено механизацијата целосно да биде подготвена и да се обезбедат дополнителни материјални и технички средства кои ќе им бидат ставени на располагање на претседателите на месните заедници во овие населени места, а се со цел заеднички да биде преброден овој нареден период. Јас се надевам дека предвидувањата за уште поголеми врнежи нема да се остварат, меѓутоа, ние мораме да биде подготвени за да се справиме доколку ни дојдат вакви временски непогоди на овој регион, изјави Кирил Парталов, командант на Општинскиот штаб за заштита и спасување.

Comments are closed.