Членовите на „Звезден град“, една од најкреативните карневалски групи, се подготвуваат за Струмичкиот карневал. Иако временскиот период е краток, бидејќи за помалку од месец дена треба да настапат, карневалистите не се откажуваат и напорно кројат, шијат, го украсуваат возилото.
„Карневалот оваа година порано се одржува, а и новогодишните празници зедоа време, така да малку касниме со подготовки, но ќе стигнеме да завршиме на време’’ – велат од „Звезден град’’.
Целосната идеја и изгледот на маската не сакат да ја откриваат, но навестуваат дека ќе се потрудат да направат интересна пародија на античкиот период. Работата е поделена. Машката екипа работи на украсување на возилото, додека жените изработуваат костими. Групната маска на „Звезден град“ ќе ја престават 34 членови.
За повеќе пати наградуваната карневалска група, украсувањето на возилото преставува најбитниот дел.
„Многу вложуваме на украсувањето на камионот иако мислиме дека тоа полека губи на значај на карневалот. Ние сметаме дека таа традиција треба да се негува и затоа акцент ставаме на тоа’’ – објаснуваат.
На прашањето дали се загрижени какви ќе бидат временски услови на 21 февруари кога ќе се одржи главната карневалска вечер, од „Звезден град’’ велат дека не се потпират на тоа бидејќи досега настапувале и во екстремни услови. Посебно го паметаат настапот со маската „Гејши и самураи’’.
„Тоа беше посебна вечер, она што се памети за цел живот. Кога дојде нашата точка, во публиката останаа саму 10 луѓе помеѓу кои и претседателот на FECC, Фердинанд Ван Дер Крон . Температурата беше минус 14 степени. Од ветерот кој дуваше како торнадо, нашето возило остана без голем дел од карневалската опрема, а замрзна и водата од фонтана како битен декор. На крај ложевме дрва со кои го красевме камионот да се загрееме. Но, ни тогаш не се откажавме. Онака измрзнати, со возилото кое беше оголеното од ветерот, настапивме’’ – гордо објаснуваат .
Она што е интересно за „Звезден град’’ е дека од секогаш важел за лут ривал на „Мулен руж’’. Но, во јавноста е помалку познато дека поголемиот дел од членовите на овие две карневалски групи се фамилијарно поврзани.
„Иако сме во блиско сродство, се гледаме како конкуренција, Во текот на карневалските припреми ако се „најдеме на иста маса’’ , знае да дојде и до страствена расправа. Но, тоа знае да даде посебна желба секоја година да бидеме подобри од нив или тие од нас’’ – заклучуваат од „Звезден град’’.
Кој ќе биде подобар, ќе дознаеме на 21 февруари…