Годинашната главна карневалска вечер ќе се одржи на 21 февруари

Струмица се подготвува за овогодинешното издание на карневалот кое ќе се одржи од 18 до 25 февруари.

Карневалските празнувања ќе почнат со детскиот маскенбал на 18-ти февруари, ќе продолжат на 19-ти со објавувањето на резултатите од конкурсот за најдобри остварувања на тема карневал, изложба на фотографии од карневалот 2014 и традиционалниот концерт под маски на музичкото училиште „Боро Џони“.

10913726_635754866547027_495954815_n

Свеченото отворање ќе се одржи на 20-ти февруари со традиционалниот маскенбал на кој ќе бидат избрани принцот и принцезата на карневалот, а на 21-ви е главната интернационална карневалска вечер. Карневалските празнувања продолжуваат со детскиот карневал на Прочка, на 22 февруари, на 23-ти  е чист понеделник, кога традиционално се вари бел грав, а истиот ден ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер и отворена изложбата и доделени наградите од наградниот конкурс за карикатури и афоризми на тема карневал.

Традиционалното карневалско корзо и доделувањето на наградите на најдобрите карневалски маски ќе се одржи на 24 февруари и карневалските празнувања завршуваат на 25 февруари со одбележувањето на тримерските обичаи.

10913626_635754859880361_639106666_n

Според Александар Цицимов, претседател на организациониот одбор, и годинава има голем интерес на странските групи за учество на струмичкиот карневал. Иако пријавувањето се уште трае, своето учество го потврдија групи од Турција, Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија, а се вршат и резервации во хотелските капацитети.

Струмичкиот карневал има вековна традиција, а годинава одбележува 25 години од обновената организирана форма на неговото одржување.

Comments are closed.