На неколку локации во средното општинско училиште „Димитар Влахов“ привршуваат неколку големи градежни активности. Училишната зграда веќе има нова фасада, се менува подот во неколку училници, а привршува и уредувањето на училишниот двор.
-Покрај воспитно – образовниот процес кој успешно се одвива во училиштето, се трудиме да ги подобриме условите за работа како на учениците, така и на наставничкиот кадар. Тоа значи дека секоја година нам ни се наменети средства за одржување на згради и слично, така што средствата наменети за оваа година, во соработка со локалната самоуправа и градоначалникот Зоран Заев, се договоривме да бидат наменети за следните работи. Нашата зграда е мошне стара од 1946 година, со нереновирана фасада и затоа решивме да и дадеме нова физиономија на училишната зграда, тоа значи лупење на ризлата, премачкување со нов слој, па ставање фасадекс и други работи кои беа потребни да се направат за да работата комплетно и успешно биде завршена. Покрај тоа, во внатрешниот дел на училиштето, имавме четири училници во кои подовите беа во лоша состојба, сега се сменија и со тоа сега сите подови се во ред. Во моментов се работи и на уредување на училишниот двор, тоа е еден од најдобрите училишни дворови во Република Македонија, така беше прогласен заедно со уште еден училишен двор од Крива Паланка.Тука е при крај поставувањето на бекатонски плочки и се врши уште некоја ситна санација на оградите, рече Димитар Ѓорѓев, директор на училиштето.