Тринаестогодишниот Трајче Горигев пред три дена „ја запали интернет мрежата’’ кога со својата изведба на песната „When I was your man’’ го воодушеви жирито во српскиот музички натпревар за деца „Ѕвездичките на Пинк’’. Многи струмичани беа горди на одличниот настап на својот сограѓанин, а како сето оваа го доживеа Трајче Георгиев, погледните во краткото интервју.
На сцената изгледаше смирено и воодушевувањето на жирито не те декоцентрираше. Имаше ли трема?
Секогаш постои таа позитивна трема која дава некоја посебна енергија, но кога ја надминав, уживав во настапот.
Зошто одбра да пееш на англиски?
Бруно Марс ми е омилен пејач, а ,,When I wаs your man” омилена песна. Ја одбрав оваа песна бидејќи повеќе ми лежи пеењето на балади.
Чиј комплимент од жирито најмногу ти значеше?
Сите од жирито ми дадоа убави коментари и совети, но најубав комплимент за мене беше од Јелена Томашевиќ кога ме спореди со Стиви Вондер.
Претпоставувам дека примаш многу честитки по настапот?
Токму така. Сите ми честитаа за успехот почнувајќи од најблиските па до сосема непознати луѓе на социјалните мрежи.
Какво е дружењето со останатите учесници од „Ѕвездичките на Пинк’’? Јака ли е конкуренцијата?
Сите се дружиме. Кога сме заедно, забораваме дека се натпреваруваме едни против други. Конкуренцијата е прејака и, како што се намалува бројот на натпреварувачи, остануваат само најдобрите.
Со која песна ќе настапиш во следниот круг и на која дата ќе биде следниот твој настап?
Следниот настап е на 12 декември, а песната не би сакал да ја откријам бидејќи нема да биде интересно за гледачите.
Се надеваш ли на победа?
Да, но не се преотеретувам многу со тоа дека јас треба да победам. Најмногу се пријавив за да дознаам какво е чувството да се настапува на една голема музичка сцена и да дознаам какво мислење имаат врвните пејачи за моите вокални способности, а пред се дружбата.
Маја И.