Вечерва со почеток во 20 часот во театарот „Антон Панов“ премиерно ќе биде изведена претставата „Будење на пролетта“ на Франк Ведекинд, а во режија на Васил Михаил. Претставата е на драмското куклено студио „Думон“ и е финансиски поддржана од општина Струмица, а во рамките на програмата за финансиска подршка на здруженијата на граѓани за оваа 2014 година.
-Би сакал прво да одбележам дека овој проект драмско куклено студио „Думон“ од Струмица е финансиски поддржан од општина Струмица веќе четврта година и тоа е од огромно значење. Оваа година освен што имаме две премиери, следната ќе биде идната недела, имаме одобрено и некои средства за набавка на опрема која ќе биде набавена во месец декември и се надевам дека од наредната година ќе имаме можност со поголема техничка поддршка да оствариме и поголеми резултати во делот на техничката изведба на самите претстави. Инаку, Франк Ведекинд е германски автор од крајот на 19 и почетокот на 20 век, еден исклучителен интелектуален ум и талентиран драмски автор, кој зборува за интересни, пред се, општествени теми. Во оваа претстава „Будење на пролетта“ тој зборува за моралните вредности и тоа за католицизмот или притисокот на католицизмот кон крајот на 19 век во Германија, каде што под моралниот притисок младите луѓе таму се неинформирани, потиснати од тој морал на ситната и покрупната буржоазија, изјави режисерот на претставата Васил Михаил на денешната прес конференција.