Центарот на заедницата на општина Струмица, во соработка со Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, вчера организираше информативна сесија за апликации на повикот од ИПАРД Програмата 2007-2013 за земјоделските произведувачи и преработувачи, како и заинтересирани за инвестирање во руралнита подрачја.
На средбата учесниците имаа можност да добијаат информации како да ја соберат потребната документација за сложената апликација за добивање на грантот, но и совети во што е најисплатливо денеска да се инвестира во земјоделието.
„Потребно е земјоделските производители да се јаваат за грантот во овој период бидејќи сега не се толку зафатени со земјоделски работи ‘’ – вели Стојан Глигоров, советник во Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството.
Глигоров истакна дека оваа година е забележано значително зголемување на апликантите за ИПАРД програмата, посебно во делот за набавка на трактори, приклучна механизација и замена на старите системи за наводнување.