Почна уредувањето на спортското игралиште кое што се наоѓа во четвртата урбана заедница во Струмица. Се работи за проект инициран од оваа урбана заедница, а кој го реализира Еколошкото друштво „Планетум“ преку грант добиен од програмата G1 на одделението за локален економски развој при општина Струмица и е во времетраење од три месеци.
– Доколку дозволуваат временските прилики, ова игралиште пред новогодишните празници би требало да добие ново руво со озеленети површини, со обновени бои на игралиштето и кошевите, исто така ќе се уредува трибината и просторот околу неа. Самиот грант опфаќа градежно – хортикултурни работи кои значат оградување на самото игралиште, поставување на заштитни појаси од ветар и звук со жива ограда и украсни дрвја, со што воедно ќе се помогне и за прочистување на воздухот – изјави Александар Лазаров, претседател на ЕД „Планетум“.