По дваесет години пауза, Ристо Маџунков синоќа ја престави својата нова збирка на поезија „Капки’’ во НУЦК „Антон Панов’’. Книгата содржи 40 кратки песни, а како што вели Маџунков, „Капките’’ прествавуваат една целина на животот, еден незаборав на минатото.
„Капките се симбол на борба против заборавот, да не го заборавиме она што било порано – нашето детство, нашите спомени, соништа… сето тоа е трајно и незаменливо. Ние ќе одиме, само тие останувааат’’ – вели авторот.
Ристо Маџунков до сега има ги објавено „Вечен збор“ (1992) и „Глас во пустина“ (1994).
Роден е 1948 година во Струмица.Основно образование и Гимназија завршил во својот роден град, а Медицински факултет во Белград (1973). Специјализирал во Скопје и Париз (1979-1982). Во 1982 година ја формира Службата за трансфузиологија и имунохематологија при Медицинскиот центар во Струмица, на чие чело застанува и работи како специјалист – трансфузиолог примариус сè до 2005 година.
Повеќе од 30 години работи како волoнтер во македонскиот Црвен крст. Од 2006 година продолжува да работи како истражувач во областа на ракот во Универзитетскиот клинички центар во Торонто. Во книжевната периодика е присутен од 1962 година Добитник е на Медал за унапредување на крводарителството во Р. Македонија (Македонски Црвен крст, 2000), на годишната награда – Медал на град Струмица (2001) и на Плакeта за значаен придонес на развојот на Македонското лекарско друштво (2004).