Њујоркчанката која живее во Струмица

Дали си омажена? Колку години имаш? Имаш ли деца?

За Грејс Мукупа ова  се најчудните прашања кои и ги поставуваат во Струмица. Кажува дека сеуште се прилагодува  на ваквите разговори во кои некој пробува  да открие нечија интима.

„И кога си во контакт со некој само неколку минути, овде е нормално да поставуваат вакви прашања. За нас во Америка тие се шокирачки и непристојни. Приметив, на пример, дека е нормално луѓето да те набљудуваат, да гледаат во тебе. Американците се малку повеќе безобразни, па во тој поглед би следувало – што ме гледаш?! – вака Грејс Мукупа од Њујорк ја опишува чудната страна на животот во новиот град.

Во Струмица е дојдена како волонтер во Мировниот корпус. Некои струмичани ја запознаа на овогодишниот маскенбал во хотелот „Сириус’’  каде, облечена во карневалско одело,  снимаше филм за промоција на Струмица како туристичко место.  Беше симпатично да се слуша како Американка  го говори македонскиот јазик.

„Пред доаѓањето во Македонија,  на курс научив некои основни зборови кои ми помагаат да се разберам во секојдневниот живот. Сепак, една од потешките нешта ми е тоа што не можам да ги  изразам во потполност своите емоции бидејќи сеуште ги немам совладано доволно‘’ – признава Грејс.

Кажува дека преминувањето од милионскиот град Њујорк во малата Струмица било тешко, но се радува што овде ја дочека пријатна клима, вкусна храна, свеж зеленчук и овошје, гостопримство, пријателски настроени и мирољубиви луѓе.

 „Кам на гости, на гости’’ – низ смеење објаснува како некои струмичани ја покануваат да ги посети.

На снимање на филмот…

Грејс живее со струмичко семејство. Благодарејќи на нив учи за оваа средина.

„ Пиеме заедно кафе, ми објаснуваат за културата, обичаите. Присуствував и на една слава. Ми беше чудна таква врста на слава, бидејќи кај нас се слави роденден, не именден. Со своето ново семејство го учам македонскиот јазик, а тие со мене го обновуваат својот англиски.’’

Своето слободно време сака да го поминува надвор трчејќи , во вежбална или „на кафе’’ како и струмичани.

„Ми беше незгодно на почетокот. Луѓето ме гледаа како трчам, се прашував што не е во ред, веројатно тоа и другите го прават. Тогаш дознав дека овде тоа ретко се прави, особено женските. Одам ,, на кафе’’ што е доста популарно овде, но наместо кафе пијам чај’’ – го раскажува своето искуство Грејс.

Споредувајќи го животот во Струмица со Њујорк, Грејс мисли дека помалиот град е подобра средина во поглед на застапеноста на насилство, луѓето се блиски, се е близу. Но, постои и една мана која  ја откри – што и да направиш, сите бргу дознаваат.

Маја И.

Comments are closed.