Еве еден од специјалитетите за Прочка, најчест на струмичката трпеза, покрај јагнешките тави…
Бидејќи после Прочка започнуваат Великите пости,изборот за готвење на Прочка е навистина голем и секоесемејство според вкусот си бира што ќе готви, но секако од асортиманот, типичен за Прочка, кој околу јагнешкото е сличен и за Велигден.
Во нашиот крај, Дроб сармата ја викаме и Џерсарма, но некако се провлекува и Џерпсарма.Како и да ја нарекуваме, важно е што не се полива со јајца како во други краеви, туку се сервира со кисело млеко и тогаш јадењето е прекрасно освежително.
Рецептот не е променет многу како за други работи, си останал речиси ист, со мали измени.
Потребно ви е марамица, јагнешки џигер, сите изнутрици по желба, младо кромидче и ориз. Зачините се по желба, но за овој специјалитет, мирудиита како велиме, односно сушено нане е обавезно.
А рецептот е едноставен, го пржите кромидчето внимателно, а во друга тава го пржите џигерот и други изнутрици ако сакате, на коцки, па ги соединувате и додавате ориз и зачини, црн бибер, црвен, буковец, сушен зеленчук.
Скроената марамица на парчиња како за да виткате сарми ја ставате во млака вода полесно да виткате. Секое парче го ставате во чорбалка, голема лажица за чорба ставање и полните од филот. Ги печете покриени, во водичка и црвено пиперче, на тивко, а на крај откријте за да фати убава боичка одозгора.
Инаку џигерот секогаш го чувам во млеко пред готвење, па и марамицата ја ставив.
За оние кои имаат проблем со изнутрици, млекото помага мирисот да биде ублажен, а и женското јагне нема толку јак мирис.
Добар апетит!
Весна Рохр, Со љубов за вас