Буџетот на општина Струмица за 2014 година ќе тежи 17,3 милиони евра

Советот на општина Струмица го усвои буџетот на општината за 2014 година. Тој тежи 1.067.775.446 денари или околу 17,3 милиони евра.
-Како и секој буџет и овој е составен од основен дел на буџетот кој зависи од општината во делот на наплата на приходи и реализација на расходи и тој изнесува 523. 575.000 денари, 452.588.000 денари се блок дотациите за основно и средно образование, социјална заштита, детските градинки, култура во која спаѓаат градската библиотека, пионерскиот дом, како и противпожарната единица на општина Струмица.

Од самофинансирачки дејности проектирани се 57.940.000 денари, тоа се сите активности во општинските институции каде што партиципираат корисниците на услуги и од донации од ЕУ и од други фондови имаме проектирано 33.672.000 денари, тоа се средства за кои имаме потпишано договори и нивната имплементација е или започната или ќе се реализира во 2014 година. Согласно тоа,  вкупниот буџет за 2014 година е 1.067.775.446 денари.

За разлика од 2013 година, овој буџет е помал за 26 милиони денари, а во рамките на основниот буџет, она што зависи исклучиво од општината, за околу 50 милиони денари имаме помал буџет за разлика од 2013 година, што е одраз на кризата што се јавува во делот на потребата од купување на земјиште од страна на граѓаните и потребата од плаќање на комуналии за евентуални градби. Најголем дел од приходите за 2014 година ги очекуваме од комуналии, тоа се 238.319.000 денари и од делот на продажба на земјиште очекуваме 93.949.689 денари, рече градоначалникот Заев пред членовите на Советот.

На десетта седница на Советот беа усвоени предлог програмите за активностите на општината во сите области и извештаите и предлог програмите за работа на јавните претпријатија и институциите што се под надлежност на општината.

Comments are closed.