Паѓа ѕвездена прашина над нашите лица, градот се радува…

Успеав да пишувам колумна, ако може така да се нарече ова четиво цела година. Најпрвин благодарност до уредниците и сопствениците на StrumicaCity беше чест и задоволство да се пишува за нив, пред се` затоа што се добри луѓе и пријатели, но истовремено и ажурни, дежурни спроведувачи на дигиталниот маркетинг и новинарство во градот, а за мене секогаш отворени и спремни за соработка.

 Тие беа причината поради која секој месец се терав самиот себе да направам евалуација, да ги разгледам фотографиите кои се врежале во мојата меморија, да се потсетам на убавите моменти, да нагласам и заклучам дел од нив како важни за мојата “пандорина кутија“.

Да, да, секој од нас е посебен свет, барем ако ме читавте мене оваа година сигурно забележавте дека јас сум цврсто убеден и верувам во тоа. Секој од нас е храм кој свети кога му е убаво, а кога му е тажно се претвара во подрум во кој неретко на гости доаѓаат суштествата од подземјата. .. и прашината, прашината која мораме да ја бришеме постојано од рафтовите на нашата потсвест.

Оваа година се случуваа многу работи, за дел од нив успешно зборував каде стигнам, а за дел умно и кротко, навидум срамежливо премолчував. Такви сме ние луѓето, во потрага по совршенството надвор од себе, го откриваме стравот и трепетот внатре во нас.

© Blaze Mehandziski

Да ги оставиме глупостите, дневните препукувања, лакомоста, суетноста, лажните лица.. да ја оставиме и кловновската маска која е постојано тажна. Да ги оставиме и чорапите надвор од сопствената соба, или мирисите на денот, еден е и не е вечен, минлив е како и се друго во нашите глава. Да спуштиме котва во својата душа и да уживaме. Времето нека си пукне од мака, дел сме од вечноста во моментот кога сме смирени.

Синоќа беше бадникова вечер, вечер пред големото Христово рождество за сите оние кои слават по Грегоријанскиот календар. Кога Бог дошол и станал човек, барем ние во следната година да бидеме подобри. Господ Бог не издржа да нè гледа паднати во толку големо зло, ниту, пак, го заборави созданието на Своите раце. Тој ги наведна небесата и слезе, за да нè побара и да нè спаси; дури прими и наше тело, за да нè направи богоподобни преку Својата божественост.

На сите верници кои слават Божиќ, а од денес натаму првите 3 дена од Христовото раѓање – нека е честит Божиќ и за многу години љубов, здравје, вистина, разбирање и почит!

 

Нејсе, кога би се вратил на стандардното сценарио за оваа форма на четиво би сакал да кажам, односно напишам дека оваа година се боревме како и секоја досега. Се боревме да успееме, да одиме еден степен погоре, една скала угоре. Но, борба не е правиот збор, тоа го разбрав пред неколку години кога имав можност да го запознаам тогашниот Полски амбасадор во Македонија. Тогаш дефиниравме дека: To fight for не е исто што и To push for, во тој контекст би сакал да посакам за сите нас да бидеме поубедливи во нашите ставови, желби, стратегии за подобро утре. Да не бидат само нашите зборови тие кои го дефинираат нашиот идентитет, туку нашите дела и активности да бидат скулптурирање на нашата личност , на нашиот авторитет кој се потешко и по се почудни патишта се гради на нашево тло.

„Тој што не го казнува злото, го повикува да дојде“ е само една од многуте мисли со кои Леонардо да Винчи се обидел да го промени сопствениот светоглед, а со тоа и перцепцијата на луѓето околу него. Можеби некој ќе си го постави истото прашање како и една моја пријателка, жена – сопатничка во животот на еден голем македонски писател и драматург: A зашто некој нешто да казнува?

„Во ѓаволска кошница медот е најсладок“ на ова би додал Емир Соколовиќ, чунки се уште истото го мислам, се вели злото, зошто злото е “Големо нешто“, многу поголемо од ништожноста на нашите (не)дела, па затоа мора да се казни. Кога би можеле да бидеме во постојана свесност за сопственото зло, за злото кое суптилно и (не)свесно го предизвикуваме би можеле и да се себеказниме, односно да поставиме контрола и успокојување на умот. Треба да го прочистиме умот со светлина, оти темнината знае некогаш да биде ехо на лажната светлина!

Кога би сакал да ја сумирам оваа година би напишал: Тука веќе се постана хаварија, голема мешалица на животи и идеологии, небаре сме малтер кој треба да го бетонира сивилото. Повеќе не се знае кој е крив, кој е прав, се потешко се дефинира ракавицата на натрапникот. Се губи обичниот народ помеѓу анализирање на тоа кој е (права) левица, а кој (крива) десница, или обратно. Урагани од празни демагогии, бури од непотребни дефиниции, изгубени во ориентацијата, а богами и во преводот – буквално! Don’t make stupid people famous, да, да, за тие кои останаа со барем малку свесност, со трошка памет за рационализирање на идиотизмот и негово разголување. Малкумина биле борци во сенка, знаете, царевите и кралевите никогаш не биле во првите борбени редови, ниту во коњаницата! Ех мој армакедонски, антички, (про)даден народе, храброст е да се биде последниот лист на дрвото на животот, тешко е да се ослободиш последен, впрочем некои лисја ја издржуваат и цела зима осамени на оголените гранки кои стрелаат жалосно кон празното, а толку пространо небо. Но, такви сме, кој погледнал во празно дрво, кога сите гледаме во празната улица, во празниот живот, со спуштени погледи и без маски. Сети се следно, животот е гледање по средината, иако таа ретко кога е топла и мека како фурнарско лепче.

Ако нема слобода на умот уште помалку ќе има слобода на душата, оти сме така родени, да бидеме светулка во ноќта единствено на оние кои ни ја покажале сопствената темнина. И грешките и успесите те прават подобар човек, само што успесите некогаш се проѕирни, минливи, временски и успехот кој си го постигнал те направил лефтерно суетен, за разлика од грешките – тие секогаш те прават посилен!

Простете ми ако нешто ви згрешив!

Сите посакуваат нешто, за крај на оваа година, после долги четива и преписки би ве отпоздравил до следните со едно кратко #шпорет хаику, оти секој со своите желби заспива:

.тлеат дрвјата,
во жарта пукаат желби.
собата топла.

Comments are closed.