Златна струмичка свадба

Данче и Петар Даутови  во брак  се пет децении. Златната свадба ја прославија  крстарејќи со брод на Бахамските острови. Крстарење беше  подарок од помладата ќерка која живее во Америка.

„Заедничкото патување  со внуците, зетот и ќерката беше пријатно изненадување за нас. На човекот  срцето му е  полно  кога ќе види дека неговите најмили сакат да ги израдуват, се грижат за него и гледат да ги усреќат’’ – ги пренесува своите  впечатоци  баба Данче.

На крстарење на Бахамите…

Таа вели дека со Петар се запознала  во далечната 1962, на свадба кај заеднички пријатели. После година дена забавување, одлучиле да се венчат. Таа имала дваесет, а тој дваесет и седум години.

„Се венчавме  летото  ’63 година. Тогаш свадбите се правеа по куќите, а ние на своето венчавање ги поканивме сите луѓе од селото.  Поставен  чардак,  долг 11 метари. Гостите се веселат, играт, пејат…  Данче во убава, чипкана венчаница…Готвач, кој се изнајмува за свадби, прави  три  врсти на јадења без кои не се ни замислуваше тогашна свадба  – грав, јадење со компир викано јанија и зелка. А за десерт – сутлијаш’’ –  се присеќа дедо Петар.

Пред точно 50 години…

Во бракот добиле син и две ќерки, а денес можат да се пофалат и со шест внуци. Данче била учителка, а Петар матичар.  Слободното време во пензионерските денови  го користат  на своето хоби. Таа сака да чита и решава крстозборки, а тој „на стари денови’’ сам научил да свира кавал и во тоа вистински ужива.

Даутови како свој најголем животен успех го сметат тоа што им овозможиле на своите деца да завршат високо образование,  и ги научиле да се почитуваат и помагат меѓусебно:

„Нашите деца се секогаш тука едни за други. Немаат суети, ниту љубомора.  За нас е најголема  среќа што сите имаме здрави односи кои се и најбитни за едно семејство’’ – кажуват Даутови.

Здравиот однос и комуникација, љубовта и толеранцијата се клуч за успешен брак кој ќе  ви овозможи да со својот животен сопатник доживеете златна свадба, велат тие.

„Толеранцијата е најважна за успех  на еден брак. Љубовта мора да биде постојана, нема откажување од неа. И кога има расправија, не смее да биде за разделување туку са поправување. И треба да се знае да се каже „извини’’ кога се греши. Извинувањето те  прави човечен’’ – заклучува дедо Петар.

Маја И.

[/sociallocker]

Comments are closed.