Градоначалникот Заев го отвори Mеѓународниот турнир во шах за глуви и наглуви лица

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска го отвори третиот меѓународен турнир во шах по швајцарски систем за глуви и наглуви лица што се одржува во хотелот „Сириус“ во Струмица. Посакувајќи им добредојде на учесниците од седумнаесетте здруженија, градоначалникот Заев рече дека тој и општина Струмица се секогаш подготвени да им помогнат на сите категории луѓе со посебни потреби.

-Ви посакувам добредојде од мое лично име, од името на Општина Струмица и од името на сите граѓани од нашиот град и општина. Чест и задоволство е денес да се биде меѓу вас, а во исто време да се биде и покровител на овој турнир. Општина Струмица и јас како нејзин градоначалник сме секогаш подготвени да помогнеме, согласно можностите, на сите категории луѓе со посебни потреби, вклучително и вам од Сојузот на глуви и наглуви. Вие тоа го заслужувате, бидејќи сте подеднакво важни за нашето општество како и сите останати.

Се надевам дека гласот на добрата волја и гласот на солидарноста и хуманоста можете да го слушнете и вие.  За ваква и слична соработка, секогаш Ви стојам на располагање. Се надевам дека вие шахистите од 17-те здруженија ќе понесете од Струмица убави спомени и дека натпреварувачкиот дух и доброто дружење ќе одат рака под рака, рече градоначалникот Заев кој по поздравниот говор, го направи првиот потег со натпреварувачите.

Претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица на Македонија, Васко Марков, му се заблагодари на градоначалникот Заев за  континуираната поддршка и му врачи плакета, а плакета доби и Советот на општина Струмица за успешната соработка.

Comments are closed.