Градоначалникот Заев им се заблагодари на спонзорите на струмичкиот карневал

Во пресрет на Денот на заштитниците на градот, денеска се одржа традиционална средба меѓу градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, претседателот на Советот на општината, Марјан Даскаловски, претседателот на организациониот одбор на карневалот, Александар Цицимов и претставниците на компаниите кои го поддржуваат струмичкиот карневал.

На средбата, градоначалникот Заев, од свое лично име и од името на Советот, ја изрази својата почит и благодарност кон поддржувачите на традиционалниот карневал во Струмица.

-Традиционално, благодарноста ја изразуваме со доделување плакета за спомен на сите генерални спонзори, секако со очекување дека остануваат рамо до рамо со сите нас во делот на поддршката на карневалот. Јас ја користам оваа прилика да најавам дека во предлог буџетот кој што веќе е доставен до Советот на општина Струмица за идната година, проектираме зголемување на општинските средства од дополнителни 200 илјади денари, со што општината го има најзначајниот дел од финансиската конструкција на струмичкиот карневал, но секако без големите и драгоцени поддршки од генералните спонзори, на  кои што денеска им доделивме плакети во знак на благодарност, струмичкиот карневал не би бил тоа што е денес. Се надеваме дека идното издание, во 2014 година, ќе биде уште подобро за разлика од претходните години и секако ќе предизвика внимание кај струмичани и кај целата македонска јавност, рече градоначалникот Заев.

На компаниите кои го поддржуваат карневалот им се заблагодари и претседателот на организациониот одбор на карневалот, Александар Цицимов.
-Имаме посебна причина струмичкиот карневал в година да биде подобар, затоа што  вброени сме во 20 топ улични манифестации во светот, прогласени сме за најдобра туристичка манифестација во Република Македонија, а згора на тоа, годинава славиме и јубилеј, 20 години од приемот во европската асоцијација на карневалски градови и се надевам дека истата ќе ја прифати нашата кандидатура за организација на прославата на роденденот на ФЕЦЦ, значи, многу причини за да не поддржат спонзорите, рече Цицимов.

Од името на спонзорите, за укажаната чест се заблагодари, Дејан Беќарски.
-Нашата компанија „Акцент медиа“ традиционално ја поддржува една од најголемите културно – забавни манифестации во Република Македонија, тоа е струмичкиот карневал, кој има и меѓународни размери. Ние и понатаму ја продолжуваме нашата соработка со општина Струмица и воедно упатувам еден повик до сите компании кои имаат можност и  желба следната година да се вклучат во поддршката на карневалот, затоа што ние многу сме задоволни од соработката со општината и организациониот одбор на карневалот, рече  Беќарски.

Традициналниот струмички карневал, идната година ќе се одржи на осми март.

Comments are closed.