Ноемвриски мантил на културата – колумна на Митко Гогов

Пишувам во ноември, но мислам на декември, размислувам, дали луѓето секогаш живеат во повеќе простори, во повеќе времиња паралелно? Се слушаме и зборовуваме, или сме заборавиле како едното треба да го следи другото, и обратно.

Можеби поради тоа и многу галама, а, хм, тоа театарски, ептен театарски, шекспировски би било: Многу врева за ништо!

Мирис на оџаци во воздухот, надвиснале облаците да ја грабнат светлината на денот. Срцето мирува, мечка во зимски сон. Волнени милувања го топлат сонот преку зима, душата е со постојано испружени раце… прегрни го сопственото постоење, ова е уште еден обичен ден.

Помина Митровден, помина и мојот роденден, навлегов во новиот циклус, сега можеби животот ќе го гледам и доживувам поинаку, сепак, можно ли е такво нешто во модел на живеење кој не се променува, освен кога решил да оди во подрум по зимница, читај да се деградира и деволвира. Во еден таков систем и модел на живеење нема простор за растење, дури ни кога ти е роденден.

Кожичките од прстите се откинуваат, во бањата испаруваат како желбите, а после тоа сите сакаме отворен прозор, чист воздух кој ќе донесе ведрина, нешто што ќе ја исчисти пареата од нашето огледало. А не ни текнува, најчесто забораваме дека ние сме тие кои треба да ги подзачистат работите, во случајот огледалото, ако сакаме да се видиме какви сме после раѓање, после капење.

Во што се претвараме? Зима ли сме или дрво кое полека соголува, во дождовите ноќи со треска го поздравуваме сонот, стуткани, преку мрежа погледнуваме: Денов станува се помалечок. Ги живееме последните мали денови од годината, можеби и најмалите, краткоденицата ни ги затвара зениците, се рефлектира првиот студ во коските. .. и итаме, после изложбата, после премиерата, после работа, после (не)работа.

Овој месец беше преполн со културни активности, среќен сум когаможам да кажам дека овој месец имавме што да видиме. Би ја поздравил промоцијата на Вања Изова Велева, прекрасно мултимедијално, визуелно – музичко пресликување на нејзините зборови, на нејзиното творештво. Среќен сум дека Искра Донева беше гостинка на нашето здружение „Контекст Струмица“, а со тоа направивме соработка со здружението „Нова Искра“ и ги промовиравме нејзините три последни дела, збирки хаикуа.

Премиерата на „1984“ предизвика разговор меѓу театарџиите, која е целта на ова општетсво, вреди ли да се поставуваат социјални преедизвици, да се биде општествено ангажиран? Не гледа ли Големиот брат?

Уште една монографија го надополни историографското небо, книгата за Општинското Основно училиште „Борис Трајковски“ . Зборувавме за образование, за потребата од современа едукација и примена на (по)модерни методи на зачувување на податоците. За пофалба е желбата на Ѓорѓи Бонев да ги документира и архивира наследените информации за ова училиште кое преживеало неколку трансформации, назнаки и надлежности.

Уживавме во изложбата на Љупка Галазка Василев „Расткајување“,Нејзините дела се позитивни, суптилно исполнети со топлина. Со светлина и колорит кој го дефинира нејзиното творештво, со ракопис кој полека се развива и еволуира во нејзина препознатливост и автентичност како автор. Љупка Галазка Василев е уметник кој допрва ќе ги отвара своите светогледи, таа е уметник во чиј ликовен импулс крие магичност, ведрина, длабочина, симболично патување низ геометриски форми и знаци што во просторот создаваат топлина. Тивка градација на мотивите и дефинирање на непостојното, хибридност во пресликувањето на одредени композиции кои се дел од нејзиното време и доживување.

Другата пак изложба, наречена можеби едноставно „Бесконечност“, на младата кумановка Симонида Јакимовска ја разбранува струмичката сцена со нејзините графики и цртежи кои не само по наслов, туку и суштински ја обработија темата „Бесконечност“.

Со слободата во изразувањето, но силен концепт кој ја држи основата на нејзините дела, Симона твори и создава композиции кои се примамливи, минималистични, исчистени од непотребни влијанија и тежини, симболични, полни со елементи кои меѓусебно се поврзани и пространи.

*  *  *

Деновите се поврзуваат како суво овошје обесено во стар трем. ни висат и мислите како исушени лути пиперки, висиме и ние, некогаш како заборани облаци, некогаш како алишта спрострени на ветрот.

Comments are closed.