Младински совет го реактивира својот дебатен клуб

Во склоп на многуте активности на Младинскиот совет се вбројува и дебатниот клуб „Carpe diem’’, основан со цел да се развијат комуникациските и говорнички способности на средношколците и студентите, и ослободување на нивната трема при јавни настапи.

Откако Ана Дрвошанова и Борис Малинов, средношколци од СОУ „Јане Сандански“, го формираа минатата година, овој месец клубот ќе добие свое реактивирање или втора сезона постоење. Со освежен состав, нови искуства и многу теми за разработување носителите на овој проект најавуваат нови активности.

Првата средба и официјалното реактивирање ќе се случи во вторник во 19:30 часот во просториите на Младински совет.

„Ги очекуваме сите млади дебатери кои сакат да ги споделат своите мислења за сите најактуелни теми меѓу своите врсници, но и пред целата јавност, а притоа да ги вежбат своите вештини за правилно искажување и бранење на својот став“ –  вели Миле Грнчаров од Дебатниот клуб „Carpe diem’’.

Минатата година средношколците и студентите од овој клуб најпрво вежбаа во затворен круг за на крај да реализираат дебати со надворешни членови.

Како круна на работењето, во склоп на светската недела на учениците, младите иницираа средба со професори и претставници од Одделението за образование и дискутираа отворено на актуелни тематики.

Comments are closed.