Креативното ќоше на Калиопи Босиланова изгледа баш онака како таа го замислувала како мала, гледајќи и читајќи за уметниците. Атељето и е сместено во поткровјето, и некогаш додека слика, друштво и прави домашното милениче, сијамски мачор.
Калиопи Босиланова е една од ретките уметници во Струмица, или, барем за која јавноста знае. Иако има само 22 години, може да се пофали со две универзитетски дипломи – има завршено Архитура и дизајн и студии по математика. За неа математиката е реалност, а сликарството – здраво бегство од стварноста. Во светот на сликарството влегла како самоука, бидејќи тоа и помага да ги „изрази емоцииите’’.
Бранко Кончалиев и Калиопи БосилановаКажува дека нејзиниот талент го открил професорот Бранко Кончалиев, во основното училиште, и благодарејќи на него започнала да посетува разни колонии. Од неодамна професорот се пензионира, а Калиопи во знак на благодарност му подарила портрет со неговиот лик.
„Голема храброст е на уметник да му подариш портрет, но во исто време е и голема слобода. Бидејќи уметникот знае дека треба да добие портрет, а не фотографија. Драго ми е што професорот смета дека сум напреднала во оваа техника’’ – низ смеење ги пренесува впечатоците за подарокот.
Како посебно значајни дела, Калиопи ги чува своите цртежи кои настанале уште во градинка, и покажува како на секој стои нејзиниот потпис „Љопче’’. Во основното училиште сакала ги да црта јунаците од цртаните филмови, како средношколка ги цртала другарите на училишните клупи, а со времето поминала да слика на платно… и со дваесет години (2011), за прв пат направила самостојна изложба во Струмица.
На нејзините слики, најчесто се појавуват очите како главен мотив. Калиопи објаснува дека веројатно на овој начин ја искажува својата потрага за вистината…
„Ја сакам вистината, ми сметат лицемерството и неиксреноста кај луѓето, и можеби е тоа причината зошто често сликам очи’’ – открива таа.
Автопортрет…Но, очите се и првото нешто што почнува да слика кога работи на портрет, нејзината најомилена сликарска дициплина.
„Кога правам нечиј портрет, прво ја правам контуратата на лице, и веднаш ги сликам очите. Ако го „погодам погледот’’, знам дека сум на добар пат, и останатите делови доаѓаат многу полесно за сликање. Најмногу сакам да работам потрети, не сакам да сликам пејсажи и мртва природа, некако ми делуваат застарено за сликање’’ – кажува Калиопи.
Размена на подароци со врвен турски сликар, Јашар ЧалиНејзината слика, насловена како „Харфа’’, им го привлекла вниманието на посетителите на овогодишниот Струмица Опен фестивал, и на хуманитарната аукција е продадена за највисоката сума на пари.
„За мене е предизвик да одам на покреативни решенија, да преку моите слики може да се долови некоја приказна, симболика. На Струмица Опен насликав нежни женски раци кои свираат на средновековна харфа, со 9 жици. Харфата, како симбол, го спојува небесното и земното. Сликата претставува спој на љубовта со поезијата, музиката и уметноста’’ – објаснува Калиопи.
Симболиката е тоа што ја привлекува Калиопи, признава, а инспирација не бара во секојдневието.
„Инспирацијата е момент на тишината, идеја која настанува во моментот. Некогаш ја запишувам како концепт, а потоа ја спроведувам како дело на платно. А потоа, дали сликата е добра или не, проценуваат мојата сестра и мајка, моите најголеми критичари’’ – вели таа.
Калиопи е млада уметничка, но своето време повеќе сака да го поминува со постарите струмички сликари бидејќи од нив може да слушне многу корисни совети. Таа мисли дека младите уметници од Струмица не се интересираат да се занимават посериозно со уметноста.
„Додека посетував работилници како мала, мислев дека Струмица е најуметничкиот град во Македонија. Но, како што растев, гледав како се губат уметниците, немав некој што е мој врсник на кој што можеш да се потпреш, некој од мојата генерација да се залага да направи изложба, да покаже што знае. Можеби, тоа го прават само на социјалните мрежи, но поголем чекор не сум видела. Мислам дека тоа е минус за нашиот град. На Струмица Опен видов дека има талентирани млади луѓе, но можеби им треба храброст да направаат нешто самостојно, без страв. ’’ – заклучува Калиопи.
И така, додека младите уметници собираат храброст, Калиопи се спрема за својата втора, самостојна изложба која ќе се случи во 2014 година. Деталите не сака да ги открие, па останува да почекаме дотогаш.
М.И.