Детската градинка го одбележа Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи

По спроведената сообраќајно – воспитна акција преку кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, децата од детската градинка „Детска Радост“ во Струмица активно се вклучија и во програмата за одбележување на Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи.

На пригодната програма со песни и сообраќајни поуки, присуствуваа и претставници од Одделението за образование, МВР-ПС Струмица и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој воедно е и координатор на општинската програма за реализација на активностите во општинските основни и средни училишта и детските градинки.

Во одбележувањето се вклучуваат и учениците од VIII-a одделение од основното училиште „Герас Цунев„ од Просениково. Членови на новинарската и ликовната секција, изминатава седмица изработија постер- ѕиден весник во знак на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди и тој е ставен на видно место во училишните простории.

Во рамките на одбележувањето на 17 ноември, на 18 ноември (понеделник), во рамките на часот на одделенската заедница, учениците од VIII-a, на претставници од учениците на другите одделенски заедници од шесто до осмо одделение, ќе им презентираат предавање на тема „17 Ноември – Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи“ изработено во PowerPoint презентација од членовите на новинарската секција.

Comments are closed.