Панче Орцев, пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на СДСМ, денеска одржа прес во реонот на Муртино на кој обвини дека Министерството за земјоделство, преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството исплаќа пари на оштетени граѓани исклучиво на партиски активисти на ВМРО ДПМНЕ.
Во продлжение интегрален текст од денешниот прес:
Предмет: Интегрален текст од прес конференцијата на Панче Орцев, пратеник во Собранието на Република Македонија, одржана на 09.11.2013 година.
Почитувани претставници на медиумите,
Сакам вас, а преку вас и граѓаните, да ве известам за одредени случувања во однос на поплавите кои се случија во струмичкиот регион на 25, 26 и 27 февруари оваа година и да ви соопштам одредени информации во однос на исплататата на штетите кон граѓаните од овие четири општини, што е законска обврска на оваа Влада.
Имено, на инсистирање и барање на одреден број оштетени граѓани, како пратеник од овој регион во Собранието на Република Македонија, на седницата за пратенички прашања одржана на 19 септември 2013 година, му упатив директно прашање на премиерот Груевски и на вицепремиерот и министер за финансии Ставревски, дали планираат исплата на штетите од поплавите во февруари 2013 година.
Исто така прашав, колку или поточно колкав процент ќе биде таа исплата на штети од проценетата вредност од општинските комисии за проценка на штети и кога сето тоа би било исплатено?
Ми беше кажано, дека, ќе добијам писмен одговор.
Еве, почитувани граѓани, од тогаш поминаа 50 дена, а одговор за тоа колку и кога ќе бидат исплатени штетите, ниту од премиерот, ниту од Ставревски, немам добиено. Но, затоа пак добив друга, полоша информација од терен, од оштетени граѓани.
Сигурен сум дека се сеќавате, дека веднаш по поплавите на терен, покрај општинските комисии за проценка на штети, се појавија и други две екипи. Едната беше од Министерството за труд и социјална политика, кои што, тоа морам да го кажам, селективно, на кого сакаа му делеа еднократна социјална помош од 15.200 денари. Втората екипа беше од Министерството за земјоделство, во брендирани возила, кои што уште тогаш, засилени од локални активисти на ВМРО ДПМНЕ, селективно вршеа посети и проценка на штети само на одредени граѓани.
Сега излегува дека тие екипи си ја завршиле работата.
Почитувани граѓани,
Еве документ, од кој се гледа дека Министерството за земјоделство, преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, исплаќа пари на оштетени граѓани. Тоа го прави исклучиво на партиски активисти на ВМРО ДПМНЕ, на кои при давањето на ова решение за исплата на пари, директно им се нагласува, да молчат и да не кажуваат на никој.
Во овој документ, се гледа како е извршена проценка на штета од 259 илјади денари, а со решение се исплатени 78 илјади денари. Еве потпис од Тони Димовски.
Значи, овој граѓанин е награден со 1.300 евра и слободно можам да кажам дека тоа е поради фактот што тој е активист на ВМРО ДПМНЕ и ништо друго.
И замислете, проверив, истата личност стои и во извештајот на општинската комисија за процена на штети, но таму, штетата, наместо 259 илјади денари, е само 50 илјади денари.
Еве, ова е еден од начините како оваа Влада ги троши државните пари за награда на своите активисти и добива избори.
За жал, вакви примери како овој има многу, се држат во тајност, се трошат државните пари, а јас продолжувам во името на сите оштетени и регистрирани граѓани да чекам одговор од премиерот Груевски, кога и колку од штетите, ќе бидат исплатени на граѓаните.
Во исто време, морам да ја искористам приликата и да кажам дека, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, т.е, министерот, не чувствуваат никаква грижа за големите штети кои се случија од големите поплави, иако, согласно законските прописи, Министерството за земјоделство е одговорно за чистење и одржување на одводните канали и речните корита.
И замислете, иако во сите извештаи на општинските комисии стои дека најголема причина за поплавите се токму неисчистените речни корита и канали, сепак, Владата која директно е одговорна за тоа, се уште нема намера да ги исплати штетите, освен партиски, селективно, на своите активисти.