Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска во својот кабинет ги прими претставниците на сопствениците на тезгите и дуќаните кои протестираат против уличните продавачи и нелојалната конкуренција. На средбата присуствуваа и Ѓорѓи Бонев раководител на одделението за инспекциски работи, Ѓорги Табанов комунален инспектор и Зоран Ѓорѓиев директорот на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“.
Претставниците ги кажаа проблемите со кои се соочуваат и побараа поддршка за решање на истите. Според нив, состојбата е сериозна и крајно време е да се отстранат уличните продавачи кои продаваат се и сешто по улиците на Струмица. Тие се пожалија дека поради нив, трпат големи штети, бидејќи мора да плаќаат давачки за своите тезги и дуќани, додека уличните продавачи немаат никакви давачки и поради тоа стоката ја продаваат по многу ниски цени.
Градоначалникот Заев, им даде поддршка во решавање на проблемот со уличните продавачи.
-Ние сме подготвени, не само да држиме состаноци, туку и комплетно да учествуваме во акцијата на сите надлежни институции за конечно решавање на овој проблем. Секој треба да си го заврши својот дел во рамките на надлежностите кои ги има. Нашите комунални инспектори постапуваат согласно законот за јавна чистота и единствено за што се овластени е изрекувањето на мандатни казни. Во последните два месеца се изречени 43 вакви казни. Ние сме на ваша страна, оти сте исправни во вашите барања – , рече градоначалникот Заев.
Претставници на општината ќе учествуваат и на утрешната средба на која се поканети сите општински и државни институции надлежни за решавање на проблемот со уличните продавачи.