Временско – духовна ротација – колумна на Митко Гогов

Не, не, никако не заборавив дека и овој месец полека одминува, а денес е предпоследниот ден од првиот жолто-златен месец во годината. На само еден ден пред да направиме уште една календарска ротација, пред да навлеземе во студениот ноември, иако стрелките на часовникот се променија времето е сеуште убаво и сончево.

Се подготви зимницата, се наполнија подрумите со дрва за огрев, птиците со или без партали полека си заминуваат, лисјата се почесто паѓаат и им прават поголема работа на жените кои упорно решиле освен дворовите да ги чистат и улиците пред своите домови.

Ноќе додека сеуште на небото се појавуваат весели ѕвезди, кои треперат со топлина и нежност во панорамата се појавуваат оџаци кои полека почнуваат да раскажуваат нови приказни.

Дуњи, костени, ореви, калинка, а богами и киви. Есенското овошје го заокружува датумот на ова продолжено лето. Суво и исушено овошје, мармалад, слатко. .. компот. Се спремаме за чествување на душичката. Иако деновите стануваат се пократки, а ноќите се подолги има некоја убавина во преминот, во прелазот. Се собираат летните алишта, се перат, пеглат и се оставаат чисти, со мирис на лето во плакарите. Ги чувате сеуште вашите омилени маици блиску до Вас?

Крај на месецот, поштарот поминува низ порти, но поштенското сандаче го остава празно, доколку не чекате писмо од вујче од Америка. Време е за новите месечни сметки. Општественото демонизирање на реалноста кое полека создава нови пори по нашите лица, тежина врз нашите плеќи. Не, општеството никако не е лошо, тоа само сака да биде во тек со времето – времето кое немилосрдно го наметнува. Не смееме да дозволиме да бидеме прегазени, угнетени, понижени, само ние можеме да создаме простор за одбрана, за промена.

Хаотична продукција на расфрлани моменти од летото полека ги коплетираат албумите од летните одмори. Езерата, плажите, морињата, топоганите, прекрасните разголени тела остануваат врежани во мобилните, во хард дисковите. Сеќавањата си играат криенка, можеби имате заборавена песок во вашите кратки панталони.

Есента е поспокојна од другите сезони, покротка, помирна. Само ветрот ја ниша сликата. Овој октомври имавме извонредно време, топли и раскошни денови, луѓе по плоштадот и растрчани деца по парковите. Одредницата е поставена, но сепак, ерга омнес прашањата на момент варираат, редефинираат, посакуваат, мечтаат. Се бранат, поставуваат нови темели, лабилни, дискутабилни, несигурни. Ќе не биде ли? Ќе ја биде ли државата?  Има ли смисла местово? Битен ли е животот?

Не, ние немаме (не)пријатели кои не зборуваат директно, тие само зборуваат симболично, шифрирано. Луѓето порано организирале востанија за да го елиминираат непријателот, денес ние сме си непријатели самите на себе. Потребно е востание во секој од нас, пушка која ќе го разбие секој рамнодушен атом во нас, куршум кој ќе ја убие секоја наша предрасуда, да живееме слободно – независно. Промените доаѓаат од внатре.

Како да се декодира матрицата на современото живеење, на раатот кој полека ни се одзема?

Нејсе, никој не може да ја промени работната недела, не може да ги размени деновите, не може да си поигра со Сонцето. Сите ние во нас чуваме раскош од семејни приказни, традиции, во кодот ги зипуваме корењата, во милост ја чуваме надежта која тлее и исполнува. Немаме ст(р)авови кои досега барем еднаш не ни се удриле во лице, од лице. Листокапот ги соголува нашите мисли, а тие не се како парите, нив секогаш ги има, дури и за позајмување.

Доаѓа време кога демунитивот во македонЧЕ, станува важен. Се создава нова сила, бавно, суптилно, како откинувањето на листот од вечниот дом, постојано, метаморфозно движење.

Жалните рингли, лажните старлети, пластичните фаци, квази политико-аналитичари сами се елиминираат од патот на вечноста. Не треба да се браниме од копнежот по нови, водени желби. Лебеди сме кој пловиме внатре во себе, не треба да бараме разделба од сопството. Напротив треба да се исполнуваме, обединуваме, да бидеме упорни и да се држиме до нашите желби.

Секогаш може да биде подобро, но треба да се потрудиме! Да се разбудиме и да направиме огледалото да го сака ликот кој се крие во нас. Часовите можеби се менуваат, но животот останува ист.

Во поразот треба да ја пронајдеме слободата, ние не сме народ кој треба да се влечка на коленици, предизвик е борбата, резултатот најчесто никој не го гледа, а ни признава, но тоа и не е толку важно, знаете – се гледаме на Митровден.

Митко ГОГОВ

Comments are closed.