Комуналец го чисти поројот „Крушевска Република“

Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ почна со големо есенско чистење на поројот „Крушевска Република“ кој е полн со наноси од поројните дождови и друг вид отпад. Вкупно 24 работници и градежна механизација се вклучени во деталното чистење кое ќе биде извршено во целиот порој.

-Како и секоја, така и оваа година, се продолжува со чистење на поројот. Ова е трет ден како работиме и за прв пат чистењето го презема ЈПКД „Комуналец“. Започнавме од транзитниот пат, поточно од улицата „Климент Охридски“ и го завршивме првиот дел до улицата „Младинска“. Во текот на вчерашниот ден почнавме со чистење на вториот дел, од улицата „Младинска“ па се до улицата „Маршал Тито“. Има доста за чистење, само вчера на простор од 200 метри беа подигнати околу 120 метри кубни нанос донесен од последните врнежи од дожд, а денеска е вклучена и целата механизација на „Комуналец“ и вработените во работната единица „Чистота“. Исто така, можам да кажам дека еден добар дел од граѓаните не се придржуваат кон одржувањето на хигиената на поројот, меѓутоа се надевам дека после ова чистење свеста ќе се подигне и нема повеќе во поројот да се фрлаат дрвја и остатоци од сечењето на дрвата и ќе биде многу подобро отколку што беше досега, рече Бранко Ѓоргиев раководител на работната единица „Чистота“.

Според најавите, комплетното чистење на поројот „Крушевска Република“ треба да заврши до петок, кога комплетната механизација и вработените ќе продолжат со чистење на градските гробишта.

Comments are closed.