За 57 – годишниот Милорад Димовски од Струмица, денешниот, беше среќен ден, затоа што после неколку денови глад виде храна на неговата маса.
Разновидни прехранбени производи и два кубика дрва донираше градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, веднаш по апелот за помош што го упатија неговите соседи, со што уште еднаш како безброј пати досега, на дело ја потврди својата хуманост. Претставници на општината му ја однесоа помошта на Милорад кој од срце се заблагодари, посебно на брзата реакција од страна на градоначалникот Заев.
Милорад Димовски живее сам во трошна соба во подрумски простории, а пред две недели му била направена операција откако скоро три месеци живеел со скршен колк. Нема никакви примања, бидејќи токму во периодот кога колкот му бил скршен, не можел да ги обнови документите за продолжување на социјалната помош во центарот за социјални работи и поради тоа останал без помошта што ја примал во висина од само илјада денари. Вели дека со овие пари му било тешко секојдневно да дојде до храна, а откако останал и без нив, леб јадел еднаш неделно.
Од 1987 година Милорад Димовски живее од социјална помош, а градоначалникот Зоран Заев, во повеќе наврати му помагал со прехранбени и други производи.