Христо Стојанов го направи најдобриот ајвар за „Ајверијадата 2013’’

Од вкупно 87 натпреварувачи, Христо Стојанов е домаќинот што го направи најдобриот ајвар по вкус, мирис и вкус на овогодишната „Ајверијада 2013’’ за што доби прва парична награда од 300 евра. Како што рече овој млад победник, тој помагаше во љупењето и мељењето на „чушките’’ на својата баба додека таа правила ајварот.

Второто место и 200 евра доби Христијан Ѓорѓиев, додека третата позиција и 100 евра припадна на Убавка Јефтимова. „Ајверијадата 2013’’ ја отвори градоначалникот Зоран Заев.

„Ете така се негува убавината, ете така се создава традиција. Оваа манифестација опстојува во својата заложба да не расположи, да го афирмира „ајверот“ како препознатлив специјалитет од ова поднебје, да го поттикне натпреварувачкиот дух кај струмичките домаќинки, но и да му даде акцент на струмичкото земјоделство кое е надалеку познато по својата куртовска капија, најдобрата црвена чушка на светот’’ – рече градоначалникот Заев.

„Ајверијадата’’ имаше забавнен дел во кој настапија дел од Струмичката естрада, КУД „Тримери’’ и учениците од музичкото училиште. Оваа година, струмичани изедоа околу 10 илјади лепчиња намачкани со ајвар.

Comments are closed.