Традиционално и оваа година, учениците и вработените во средното општинско училиште „Димитар Влахов“ го одбележаа 16 октомври – Светски ден на храната.
Во просториите на Домот на АРМ во Струмица на повеќе штандови беше презентиран богат избор на храна, од солени и слатки специјалитети подготвени во домашни услови, разновидни производи на преработувачките капацитети соработници со училиштето, до свежи зеленчук и овошје кои се произведуваат во овој регион.
Како добри домаќини, на поголемиот број гости меѓу кои и претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски, учениците и вработените во училиштето им покажаа дека знаат и можат да произведат здрава храна на органски начин.
-Нашето училиште традиционално секоја година го одбележува светскиот ден на храната. Овие прекрасно изработени штандови се дело на нашите ученици, воедно и наша обврска, бидејќи во нашето училиште постојат две струки, земјоделско – ветеринарна и прехранбена, тоа е нивна задача, обврска за која се школуваат во овие наредни четири години. Тука се и производите на фирмите, нашите деловни партнери кои ги посетуваме и со кои соработуваме. Целта на ова наше денешно одбележување е да му покажеме на светот и на нашите сограѓани дека произведуваме еколошки здрава храна на органски начин, рече Димитар Ѓорѓев директор на СОУ „Димитар Влахов“.