Во рамките на проектот „Развој на алтернативни форми на туризам’’, општина Струмица и регионот Лерин од Република Грција денеска во хотелот „Сириус’’ ги промовираше заедничките туристички можности преку овој заеднички проект, кофинансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција.
Како што изјави Ѓоко Ристовски, проект менаџер од Канцеларијата за европски проекти при општина Струмица, овој проект е составен во три типа на активности .
Првиот дел е истражувачки и вклучува повеќе анализа за утврдување на фактичката состојба на секторот туризам и угостителство, како и идентификација и категоризација на 30 патеки за алтернативен туризам. Инфраструктурната група на активности вклучува маркирање и одбележување на утврдените 30 патеки и изградба на пешачка патека во населеното место Банско која ќе ги поврзува сите културно – историски локалитети во ова место. Оваа патека е во фаза на градба и ќе биде во должина од над 750 метри поплочена и опремена со клупи и канделабри и ќе биде погодна и за рекреативен, здравствен и спортски туризам.
Во однос на промотивните активности како трет дел, ќе биде изработен документарен филм и видео спот за промоција на Струмица, а наредната година ќе биде изработен и специјализиран интернет портал за промоција на културните и историските особености на Струмица, рече Ристовски.
Паралелно со активностите кои ќе се реализират во Струмица, тие ќе се спроведат и во регионот Лерин во Република Грција. За заедничката соработка помеѓу двете држави, Амбас Василис, преставник од грчкиот регион, изјави:
„Овој проект ќе помогне на развој на туризмот од двете страни. ИПА програмите се добри за западниот регион на Грција и за Струмица, тие ќе ја ја подобрат инфраструктурата, алтернативните форми на туризмот и ќе ја продлабочат соработката меѓу луѓето од двете страни.’’ – рече Амбас.
Завршетокот на проект „Развој на алтернативни форми на туризам’’ ќе биде финализиран до средината на идната година.