Здружението „Новус“ од Струмица почна со реализација на проектот „Препознавање и борба против говорот на омраза“ кој се реализира со финансиска поддршка на општина Струмица. Во рамките на проектот, утревечер со почеток во 19 часот во домот на АРМ ќе се одржи првата трибина на тема „Улогата на медиумите во препознавањето на говорот на омраза“.
-Потребата од овој проект ја иницираше фактот што во последно време во нашето општество се поголем замав зема говорот на омраза, како дејствие чија намера е да деградира, вознемири, или предизвика насилство или активности врз основа на предрасуди против лица или групи луѓе врз основа на политичката припадност, раса, род, возраст, етничка припадност, националност, религија, сексуална ориентација. Токму тоа доведува до дестабилизација во општеството и предизвикување на предрасуди, а тоа може да резултира со започнување на насилство или до елиминирање од јавна сцена. Здружението „НОВУС“ е целосно насочено кон намалување или елиминирање на сите овие негативности кои што произлегуваат од говорот на омраза, а сето тоа ќе се реализира преку соодветни обуки, трибини, работилници, брошури и изработка на видео-едукативен спот, преку кои младите и граѓаните ќе се запознаат и очекуваме активно да се вклучат во борбата против говорот на омраза, рече Ѓорги Милушев од здружението „Новус“.
Овој проект на здружението „Новус“ од буџетот на општина Струмица е поддржан со 120 илјади денари во рамките на програмата за поддршка на невладиниот сектор за 2013 година.