Струмица на регионална конференција како прва општина со имплементирана стратегија за интегритет

Струмица како прва општина во Република Македонија со имплементирана стратегија за интегритет, учествува на дводневната регионална конференција за утврдување и решавање на ризиците од корупција на локално ниво која се одржува во Скопје.

Конференцијата нуди можност учесниците да се стекнат со подобро разбирање за ризиците од корупција во локалната администрација, да ги споделат искуствата за практичните решенија на овој проблем и да разменат знаења за ефикасните мерки неопходни за зголемување на транспарентноста, отчетноста и отвореноста на ниво на општината.

-Општина Струмица е поканета на конференцијата за да даде придонес преку  презентирање на  лични искуства како општина која прва го воведе интегративниот систем на локално ниво. Со воспоставувањето на овој систем се намалуваат можностите за корупција и се поттикнуваат вработените да се однесуваат чесно и квалитетно во својата работа, вели Марија Гарванлиева, претставник на општина Струмица на регионалната конференција.

Инаку, за имплементираната стратегија за интегритет, општина Струмица учествуваше и на размената на искуства на конференцијата што кон крајот на минатата година се одржа во Лондон.

Comments are closed.