Септември ги зипува лисјата – колумна на Митко Гогов

Во животот се среќаваме со секакви луѓе, но најчесто со оние кои не повредуваат. Патиме од непотребни конфронтации, од непотребни споделувања на сопствени фрустрации, голтаме и продолжуваме понатаму. Сакаме да сакаме, но се потешко се сакаме самите себеси. Кругот го затвараме и од нас самите создаваме вакуум. Не гледаме подалеку од сопствениот нос, а сепак забораваме да ги депилираме влакната..

Секако дека нема да продолжам во тој контекст, оние кои веќе подолго време ги читаат овие мои месечни објави на порталот StrumicaCity веќе добро знаат дека мојот израз е позитивен, оптимистичен и безрезервно искрен.

На почеток на оваа колумна наменета за септември би сакал да се заблагодарам на сите кои помогнаа пред само неколку дена да се случи третото издание на манифестацијата „100 Илјади поети за промена“ . Општината, Градоначалникот, Центарот за култура „Антон Панов“, Старото забавиште, црквата „Св. 15 Тивериополски свештеномаченици“, отец Мите, основното училиште „Маршал Тито“, поетите учесници,дизајнерите, луѓето добронамерници и сите оние кои беа спремни да споделат љубов.

Животот не е само љубов, иако повеќето се обидуваат да ја доловат фрекфренцијата, сакаат да сакаат и да бидат сакани.  Сите се трудиме со љубов да ги надминеме тешкотиите, да ги надминеме препреките како прави верници. Во тој аспект септември се круниса со радоста на трите основни двигатели на животот, со смислата. Живееме во турболентен и динамичен живот во кој најчесто ни се случува дисбаланс, не опфаќа чуството на тага и болка. Не смеете да се разделиме од основните принципи, не смееме да заборавиме дека со нас секогаш биле љубовта, верата, надежта..  Мораме, ди ги носиме постојано како алки закачени на нашето срце, тие една без друга не можат. Не можеш да веруваш, ако не се надеваш и сакаш. Не можеш да се надеваш, без да веруваш и сакаш. Не можеш да сакаш, ако не веруваш и не се надеваш.

Вчера беше последниот ден од месецот, ден на верата, љубовта, надежта. Ден кој како италијански клуч го затвори календарското вртење, ден кој беше како нескафе три во едно.. со повеќе шеќер!

Си посакавме повеќе љубов, нов расат за вера, по можност да не биде ГМО, а за надежта посакавме да биде константна, впрочем лесно поврзувајќи ја со паролата – надежта последна умира. Посакавме животот да ни биде покреативен, инспиративен. Имаше и такви на кои им честитавме слава. .. именденска.

Од друга страна, денес пак е „Меѓународен ден на старите“. Од (по)старите секогаш можеш да научиш нешто мудро, нешто длабоко, нешто што би ти било патоказ. Мостот на животот треба да биде исполнет со љубов, искрена, чиста, навидум скромна, но бескрајно голема. Од секогаш сум верувал дека искуството кое тие го стекнале може да ни помогне во решавањето на некои важни животни прашања. Без разлика дали тоа би го препознаеле во нивното позитивно или лошо искуство со кое се стекнале или резултатите кои ги добиле. Немојте да верувате дека единствената слика за стари луѓе е онаа во гратски автобус во Скопје, моите, а сигурно и вашите стари беа/ се прекрасни луѓе!

Секојдневно се обидуваме метафизички да ги перцепираме работите, да ги анализираме настаните, да толкуваме, да спознаваме нови времиња, да се радуваме на среќната прашинка живот која паднала на нашите раменици.

Да бидеме како деца пред возрасните, мисловно разголени да се предадеме на новото знаење, на новите предизвиви, животот е кристална топка која може да ги слушне сите желби скриени во кутијата на верувањето. Да се обидеме да излеземе од групата на просечните, да отскокнеме со нашата визија, да не заборавиме да сонуваме, знаеме, тоа што го има во срцата на децата, возрасните не можат ни да го фантазираат!

Да бидеме оние стари кои детската хиперактивност ја доживуваат како Божја благодед, да го спуштиме погледот пред сјајот на детските очи,  да бидеме малку повесели. Доста се занимаваме со политики, се труеме самите себе додека оние “над нас“ склопуваат меѓусебно ново пријателство. Сите ќе бидеме истопени од есенскиот дожд, ако се најдеме сами во планина, исто сонце ќе ни ја исуши и скроти душата, доколку сме на ливада.

Старите луѓе се како библиотеката во Александрија, како толковникот на јазикот на Вавилонците, како јазикот на бувовите и желбата на птиците преселници, впрочем затоа и постои мостот, оној дел кој ги спојува патиштата на реалноста. Луѓето сакаат да бидат комплицирани и паметни, (на)место едноставни и сакани. Ги кондензираме росните зборови на воденичкиот камен, се тркаламе кон пепелта од која сакаме да го родиме новиот Феникс, во оган се ставаме, се бориме со ветрот, да се издигнеме среде метежот на кошмарите, нова бразда да создадеме.

Comments are closed.