Под мотото „Говорете европски“ денеска во Струмица се одбележа Европскиот ден на јазиците. Во организација на Академијата за образование, спорт и култура „АБЦ“ и Младинскиот совет, а со поддршка на општина Струмица и градоначалникот Зоран Заев во големиот градски парк се одржа креативен хепенинг на кој учениците од основните училишта ги презентираа своите креации на тема „Значењето на лингвализмот и меѓусебното разбирање на народите во Европа“. Со своите идеи и креации успешно креираа амбиент преку кој го нагласија значењето на познавањето на повеќе странски јазици, како и познавањето на другите култури со што се овозможува надминување на јазичните бариери во меѓусебното разбирање. На хепенингот присуствуваа и градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и високиот претставник на канцеларијата на ЕУ во Република Македонија, Роберт Лидел.
Поздравувајќи ги присутните, градоначалникот Заев го истакна значењето на познавањето странски јазици и им порача на младите да не се штедат во нивното изучување.
Високиот претставник на канцеларијата на ЕУ, Роберт Лидел, зборуваше за потребата од донесување на одлуката од страна на Советот на Европа, овој ден да биде посветен на јазиците и културите во Европа.
|