Здружението на глуви и наглуви лица од Струмица денеска почна со реализација на проектот „Ние сме дел од вас“ финансиски поддржан од општина Струмица. Презентирајќи го проектот, Виолета Голубова секретар на здружението, рече дека целта на проектот е подигање на јавната свест преку изработка на посебни флаери со гестови кои глувите лица ги користат при посета на лекар.
-Намерата ни беше и лекарите да научат барем дел од гестовите на глувите лица, иако и без да го познаваат знаковниот јазик тие ги разбираат симптомите на глувите лица. Ова е убава иницијатива, една основа за да направиме посовремен и со повеќе гестови прирачник за знаковен јазик, рече Виолета Голубова секретар на здружението на глуви и наглуви лица од Струмица.
Во реализацијата на проектот е вклучен и Доне Димов, кој лично ги почувствувал проблемите кога одел на лекар.
-Од се срце се радувам што сум дел од овој проект и што ќе ги надминеме проблемите што ги имаме кога одиме на лекар, рече Димов.
Проектот „Ние сме дел од вас“ е поддржан со 34 илјади денари и се реализира во рамките на програмата за социјална заштита на општина Струмица.