Почитувани мои сограѓани,
Осми септември е еден од најсветлите датуми во пребогатата историја на нашата татковина. Денот на независноста на Република Македонија е ден кој го празнуваме со кренати чела, со исполнети души и со срца во кои е вгнездена љубовта кон родината. Тој ден ни дава до знаење дека сме свои на своето, но истовремено не предупредува дека своината треба да се чува, негува и надградува.
Република Македонија е наша светост, наше вчера, денес и утре и код на нашето постоење. Република Македонија е се што имаме. За таа Македонија, низ годините и вековите наназад, пролеано е многу крв, положени се многу животи и претрпени се многу страдања, измачувања, егзодуси и ропства. Таа Македонија, токму затоа ја заслужува нашата почит, нашата љубов и должно внимание. Независноста на татковината, бил недосонуван сон на Делчев,Груев, Карев, Сандански, Гули, Ченто, Брашнаров и многу други македонски синови. Тој нивен сон е наше јаве, наше драгоцено богатство, наш патоказ кон иднината. Во миговите на славење, редно е да се надминеме себе си, да ги закопаме нашите суети и поделби, да го уништиме нашиот препознатлив синдром на самоуништување и да свртиме нова страница во нашето заедничко битисување. Со тоа ќе сториме добро дело за себе, за нашата татковина и за сите идни генерации кои доаѓаат по нас.
Нека ни е честит празникот, нека ни е со среќа 22-годишнината од самобитноста на татковината, нека ни е вековита Република Македонија.
Со почит,
Градоначалник на Општина Струмица
Зоран Заев