Членовите на Советот на општина Струмица ја одржаа шестата седница на која усвоија повеќе предлог одлуки, заклучоци и програми од делокругот на локалната власт.
Покрај усвојувањето на извештајот за извршување на буџетот на општината за вториот квартал од 2013 година, советниците ја усвоија и предлог одлуката за измена на распоредот на средствата во буџетот. Потребата за пренамена е иницирана од барањата на буџетските корисници од областа на образованието и детската заштита кои беа упатени до градоначалникот за изменување и пренамена на ставките во нивните програми. Пренамената во основниот буџет се однесува само на тековното работење на општината и воопшто не се навлегува во капиталните програми со што сите проекти кои се опфатени со буџетските програми остануваат да важат се до нивната реализација. Во образложението пред членовите на Советот, градоначалникот Зоран Заев, рече:
– Се работи за одржани состаноци кои ги имав со два спортски клуба, се работи за ракометниот клуб „Зоми мак“ и фудбалскиот клуб „Тиверија“ кои имаат исчекори во лигите во кои се натпреваруваат, првиот клуб излегува на европските првенства, а вториот оди во втората лига и им се потребни дополнителни средства, а имаме одлична можност од нереализирани ставки во делот на плати да ги пренамениме во поддршка на спортот. Јас предлагам од делот на плати и придонеси од плати, каде имаме заштеди во непродуктивни трошоци да пренамениме 1,6 милони денари за потребите на овие два клуба и нивните планови, рече градоначалникот Заев.
На седницата, се усвоија и годишниот извештај за активностите на Центарот за развој на југоисточниот плански регион за 2012 година, информацијата за јавна безбедност и безбедност во сообраќајот на патиштата на територијата на општина Струмица за првите шест месеци од оваа година, извештајот за работењето на Јавното претпријате за енергетски дејности „Струмица – гас“ за првата половина од годината, а беа разрешени досегашните и именувани нови членови и претседател на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
На шестата седница на Советот на општина Струмица беа донесени и повеќе одлуки од областа на урбанизмот.