Горда сум на тоа што се трудам да станам професионален уметник што слика со уста – интервју со Роза Мојсовска

,,Најмногу сакам да сликам цвеќе. Можеби затоа што моето име е Роза. Сакам да сликам и пејсажи, портрети, а најмногу ме инспирираат приказните од Светото писмо. Од него црпам некоја посебна животна енергија’’ – раскажува Роза Мојсовска, жена која е веќе позната на многу струмичани по своето слиќање со уста, веселиот карактер и широката насмевка.

Се сеќава дека својот прв цртеж го направила кога имала седум години. Тоа се случило во време кога била на операција на рацете и нозете во Белград:

„Во болницата го дочекав осми март, Денот на мајките. Гледам околу себе весели деца, прават честитки за воспитачките и мајките. Си кажав себеси – и јас сакам да направам честитка. Ја ставив боицата во уста, ја направив првата линија, па втората… по некое време го нацртав својот прв цвет. Од тогаш цвеќето често можете да го видете на моето платно.’’ – кажува Роза.

Цвеќето како вечна инспирација…

Првата изложба ја имала во своите осумнаесет години кога како дел од група од стара Југославија која отпатувала во Ватикан кај Папата. Се сеќава дека тогаш се срамела другите да дознаат дека таа слика со устата. Денеска го нема веќе тој проблем. Станала член на Светското здружение на лица кои што сликаат со рацете и нозете, а благодарение на него, добила можност да во сликарските техники ја усовршува професор кој ќе и  помогне  да исполни една од најголемите свои желби –да стане професионален сликар.

Но, што таа прави со своите дела? Кажува дека најчесто ги подарува. Така Фондацијата ,,Тоше Проески’’ доби на поклон портрет од несреќно загинатиот пејач, нејзин подарок добил и Игор Џамбазов, Фуере – претставникот на ЕУ -, а некои слики завршиле и во рацете на некои звучни македонски политички имиња. Кажува дека и останува единствено да го исполни ветувањето и на платно ја ,,пренесе“ најдобрата пријателка – ,,својата Тошка’’, која носи големи заслуги за пружање на помош:

„Не сум направила портрет на оној кој најмногу заслужува. Да ја нема Тошка, но и другите кои ми помагаат, не би можела да сликам. Таа ми ја припремува масата, штафелај, ме наместува да сликам…’’ – зборува Роза со полно пофални зборови спрема својата пријателка.

Роза и Тошка

Роза вели  дека во своето атеље влегува само кога има инспирација. Признава дека најдобрите слики настануваат кога е нервозна бидејќи тогаш ја ,,избива насобраната енергија и на платното го изкажува она што не може во реалноста’’.

,,Колку ќе посветан време на некоја слика зависи од тоа на која тема работам. Некогаш можам да завршам за еден ден, а некогаш ми е потребно и по недела дена. Често знам да бидам незадоволна бидејќи едно мислам, друго излегува. Не сум самокритична, само гледам како другите реагираат. Кога се селевме, најдов една своја слика натопена од дождот и сакав да ја фрлам. Но, кога мојот професор дојде да ми оддржи час, се воодушеви од неа и ме натера да ја пратиме на натпревар. И ете, добив награда за неа“ – низ смеење се присеќа Роза.

Роза Мојсовска има уште една  уметничка црта – сака да пишува поезија. До сега има издадено  пет книги, а нејзините песни се воглавно инспирирани  со верата.  На прашањето дали се снаоѓа подобро во пишувањето или сликањето, таа одговара:

 „Сликарството е мојата прва љубов и мислам дека на ова поле сум повеќе надарена. Уште само да ја исполнам својата најголемата желба – да станам професионален сликар и ќе бидам комплетно уметнички исполнета’’.

 

М.И.

 

 

Comments are closed.