Кога сме уште кај лубеницата со лебче и сиренце, еве и слатко од лубеница кое е навистина преубаво…
Замислете ги креденците полни со тегли од најразлични слатка и како што сите знаеме, изнаредени што повисоко, за да не ги дофатат децата… Слаткото било пред сé за гости, а и денес слушаме анегдоти во секое семејство, згоди и незгоди со изеденото слатко, кое требало да пречека и отсрами пред многу народ.
Има повеќе рецепти, а за старинскиот начин важно било да се стави малку оцет при првото варење. Според еден друг рецепт лубеницата се ставала во варова вода. Кој и да е рецепт, со една или многу води, слаткото е навистина и за пред гости, оти денес си правиме повеќе за себе, се променија времињата многу, за жал.
Состојки :
1 кг. парчиња лубеница
1 кг.шеќер
250 мл.вода
лиомон
2 ванили
1. Најпрво исечете ја лубеницата на поголеми парчиња и отстранете ја надворешната кора, а се разбира и црвениот дел кој можеби сте го изеле веќе, но оставете еден тенок слој.
2. Потоа исечете парчиња од кои ќе вадите по желба помали парченца и во форма која сакате.
3. Измерете ги сега парчињата, зашто ќе се намалат при варењето.
4. Ставете ги во ладна вода парчињата лубеница, треба да се варат кратко, околу 5 минути, низ 5 до 6 води… Но, велат за летната лубеница доволно е и само една вода, со оцет.
5. После последниот пат, веднаш подгответе го шеќерот за шербетот.
6. Кога ќе зоврие шербетот, додадете ги парчињата да се варат заедно. Треба да се варат на силен оган, без мешање. Кога ќе почнат да се појавуваат меурчиња,слаткото е готово. Шербетот направете го по желба, јас не сакам густ шербет, ниту многу благ, ниту многу кисел, полесно е за јадење кога е поводен.
7.Додадете 2 ванили и кругчиња лимон, а може и мали исечени коцкички како што се практикувало
8.Покријте го садот со влажна платнена салфета, а наредниот ден ставете го слаткото во теглички.
Слаткото е прекрасно, прозрачно, со преубав вкус и се разбира вкусот ни враќа најубави спомени…
Добар апетит!
Автор: Весна Анчева Рохр