Одсекогаш тиквичките биле едно од најомилените јадења на струмичани,па веројатно затоа и имаме многу различни начини на подготвување. Во старо време, најчесто се вареле, полнети со ориз или ориз и мелено месо.
Исто така се додавале на сармата од лозов лист, со зелените сливи или зеленото грозје и сосот ич. Се мешале и со полнети домати кои исто се поливале со сосот ич.
Пржените најчесто се комбинрале со ќофтиња, пиперки, модри патлиџани, сирење, домати, урда, кисело млеко, магданос, лук…
И печените биле редовно на трпезата, но исто така многу често се поливале со јајца и кисело млеко и се запечувале како мусака или еден вид пита.
Некои тави се носеле на фурна, некои се запечувале дома…
Полнењето било како што правиме и денес, со пржено младо кромидче, лукче, а комбинациите зависеле од поводот и вкусот на семејството. Магданосот или сушеното нане, мирудии, се додавале за уште поубав вкус, но и гуридата им давала преубав, специфичен киселкаст вкус…
Она што варените или печените тави ги прави посебни и типично струмички, повторно е сосот ич. Но исто така и поливањето со јајца, толку типично за многу наши јадења, секогаш ќе ги разликува од рецептите од другите краишта.
Мусаката од млади тиквички е преубава во овој период, а најразновидните комбинации, денес креираа и нови рецепти, инспирирани од неисцрпното богатство од минатото…
Честопати нагласувам дека за некои рецепти се потребни точни мерки и упатства, но нашите прабаби готвеле од око! Иако тајфите биле огромни, тие знаеле и чувствувале што и колку треба. Знеле да искористат што ќе остане, но знаеле да се снајдат и ако било премалку.
Затоа, препуштете се на тоа прекрасно искуство кога готвите и креирајте по ваш вкус, а секогаш ќе бидете водени од кодираната несвесна трансгенерациска меморија.
Грешки нема во готвењето! И да ги има, лесно се отстрануваат, за сé има решение! Имајте само добра воља и верувајте во вашите способности да креирате што сакате, за вас и вашите најмили !
Продолжува…
автор: Весна Анчева Рохр, Со љубав, за вас