И овој рецепт е со генерации присутен во моето семејство како еден од омилените специјалитети, а верувам дека бил присутен на трпезите кај сите струмички семејства, специјаслитет, оригинал струмички, како велиме!
Сплините или слезинки, како печена тава се подготвува кога јагнешкото е актуелно на трпезите, како топло предјадење, додаток на јагнешкото печено, но и како главно јадење… Имаме неколку типични рецепти за струмичкиот регион, рецепти кои се подготвуваат во период на јагнешко, па иако малку ќе задоцниме со објавувањето како сезонски, вреди да ги сочуваме од заборавот… Вреди затоа што нашата струмичка кујна го има ова богатство на многу вкусни,мерфетлиски специјалитети.
Состојки :
-неколку сплини
-млеко
-младо кромидче
-ориз
-моркови
-зејтин
-сол, сушен мешан зелнчук, црн бибер,сушено нане,буковец…
Подготовка:
Ако добро се организирате, не одзема премногу време и се подготвува
едноставно.
Подгответе ги најпрво сплините, најубаво е да се подготват одвечер, но
може и поскратена варијанта.
1.Измијте ги, оставете ги во студена вода да одстојат барем еден час, но
често менувајте ја водата, а потоа оставете ги исто барем еден час во
млеко и повторно измијте ги пред да ги полните…
2.Филот, зајрето се подготвува брзо, подгответе го при крај на времето
кога се во млекото…
Испржете го младиот кромид ситно исечено, додадете го оризот и зачини
по желба. Јас додавам повеќе црн бибер, мирудии, односно сушено нане и
буковец…
3.Откако сплините се измиени после млекото и очистени од мирисот,
засечете ги малку по долната ивица и почнете да ги полните со зајрето,
со мало лажиче…
4.Затварањето може да биде со чачкалица или да ги сошиете, како ви е
полесно…
5.Наредете ги во тавче да се печат, залиени со водичка и зејтинче,
додадете ги морковите на покрупно исечени…
6.Ако остане од филот, слободно ставете го и него во тавчето заедно со
морковите…
7.Тавата треба да биде покриена, се печат на тивко додека да омекнат, а
на крај откријте за да добијат убава боја…
Кисело млеко е обавезно за сервирање како и младо кромидче!
А одлуката дали ќе биде предјадење, додаток или главно јадење, нека биде
ваша, со Ваши варијации…
автор: Весна Анчева Рохр - Со љубов, за вас
<!–- KeepAnEye.mk -–>
<!–- Copyright (c)2011 KeepAnEye.mk -–>